Древната опсерваторија Кокино конечно добива светска афирмација, а во рамките на владиниот проект “Кокино – македонски бренд” ќе се реализира научен симпозиум кој во Археолошкиот музеј во Скопје, на 24 јуни, ќе ги собере на едно место светски реномираните експерти, а во Куманово ќе биде отворена и изложба на артефакти пронајдени на овој локалитет. Кон крајот на август на Кокино се планира и целодневен настан со работилници, музички спектакл и туристички тури кои дополнително ќе го афирмираат ова култно место.

“Проектот е од исклучително значење за Република Македонија, бидејќи ја промовираме и афирмираме нашата мегалитска опсерваторија, која според НАСА се наоѓа на високо 4. место на најстарите опсерватории во светот. Кокино е и првото регистрирано планинско светилиште од бронзена доба на територијата на денешна Македонија. Во изминатите 15 години, колку што траат истражувањата, на овој локалитет се откриени над 300 наоди од бронзено време, уникатни предмети со култен карактер кои говорат дека денешниот северен дел од Македонија бил составен дел од т.н. медитеранска култура, истакнува министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Таа посочи дека со проектот за оваа 4.000 години стара опсерваторија се предвидува и доопремување и оградување на локалитетот, изградба на пристапна патека за посетителите, поставување на заштитни огради, изградба на Центар за посетители во кој во иднина ќе се реализираат разновидни содржини, работилници, изложбен простор, сувенирница и ресторан.

“Проектот Кокино-македонски бренд” ќе се одвива во 4 години, до 2018, а до сега заедно со Управата за заштита на културно наследство, Националниот конзерваторски центар, заводот и Музеј Куманово… е работи на државно-урбанистичка планска документација, експропријација на земјиштето и неговата трансформација… се со цел да се создадат услови за неговата одржливост што ќе има и економски придобивки за државата.

Според директорката на Археолошкиот музеј, Весела Честоева, во рамките на симпозиумот “Кокино- археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства”, кој на 24 јуни ќе се реализира во соработка со Филозофскиот факултет познати македонски и меѓународни експерти ќе разменат мислења и ставови за Кокино и неговото значење во светски рамки.

“На симпозиумот ќе учествуваат британскиот астроном и археолог Клај Фраглес, Горан Хериксон од Шведска, Валерија Фол од Бугарија, македонскиот археолог и професор Драги Митревски, археолог и истражувач од Србија Александар Булатовиќ и други еминентни истражувачи, истакна Честоева.

Директорката на Кумановскиот музеј, Анита Цветановска, пак, додаде дека на 25 јуни ќе биде отворена изложба “Кокино-тврдина на Сонцето”, во чии рамки ќе бидат презентирани 150 уникатни артефакти откриени на локалитетот.

Кон крајот на август на самиот локалитет Кокино ќе се одржи и фестивал “Тврдина на сонцето” во организација на продукцијата “Пасворд”, во рамките на кој ќе бидат одржани, работилници за стари занаети, астрономски предавања, патувачко кино и концерт со ексклузивни гости, како групата Фолтин… Исто така ќе бидат организирани и туристички тури со кои домашните и странски гости кои ќе се запознаат со богатствата и потенцијалите на локалитетот.

Професорот Драги Митрески, пак, посочи дека од научниот симпозиум треба да произлезе соодветна меѓународна публикација што е неопходно локалитетот да добие свое место во науката.