Падот на царините од 1 јануари наваму им дојде како “кец на десетка” на увозниците и трговците во државата. Од почетокот на годината искористени се огромен број на квоти со земјите со кои имаме потпишано договори за слободна трговија. Тие се главно за прехранбени производи, но речиси ништо од увезеното не поевтини на пазарот. Во моментот, велат во Царинската управа на Македонија, земјава е затрупана со портокали, пилешко месо, масло и маслинки, но речиси ништо од тоа не го чувствуваат граѓаните. Единствено пазарот реагираше на цената на портокалите, кои паднаа од просечна цена од 50 денари за килограм на 39 денари. “Виновни” за тоа се големите трговци од Арачиново кои увезоа 800 тони портокали, и се отиде како “алва” на кванташки пазар. Од Турција ни дојде и 40 тони пилешко месо и 5 тони суво грозје, а 250 тони пилешко дојдоа и од ЕУ, од каде дојдоа и 40 тони млеко во прав, 50 тони путер 350 тони маслинки и 700 тони масло. Од Бугарија традиционално најмногу се увезува сирење, односно од квотата се искористени 75 тони. Најиндикативна е состојбата со алкохолот. Тој никако да поевтини, а увозниците на овие производи упорно остваруваат екстра профити. Имено, царината за алкохол падна за 22 отсто, односно од 36 на 14 насто, згора на тоа паднаа и цените на алкохолни производи од производителите од ЕУ, но на нашиот пазар ниту еден пијалак не е со видливо пониска цена. Царинските експерти тврдат дека сега е време на контролите на УЈП и на пазарната инспекција да видат каде се продадени тие производи и колкави им се екстра профитите на увозниците и трговците. Сосема спротивно ќе реагираа истите увозници доколку се зголемеше акцизата на алкохол според директивите на ЕУ, односно преку ноќ ќе ги поскапеа алкохолните пијалаци, што ќе се случи веќе наредната година, тврдат во Царината. Според економските експерти во Царинската управа, подобро беше да дојде до целосна либерализација на увозот отколку да се остават вакви мали квоти, кои само им носат добивка на мал број фирми, а од тоа ниту граѓаните ниту државата имаат некоја голема полза.


Виолета ЦВЕТКОВСКА