Договорот за излез од политичката криза доби уште една шанса. Европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан пристигнаа во Скопје во спасувачка мисија на Пржинскиот договор, која воедно ќе биде и последен обид да се спаси истиот и да се одреди датум за избори прифатлив за сите страни. На одвоени средби со четирите партиски лидери, европската тројка направи уште еден обид да се прецизира датум за избори, прифатлив за сите учесници.
Нивното доаѓање го најави шефот на Делегацијаа на ЕУ во Македонија Аиво Орав, кој истакна дека по неуспешните разговори на амбасадорите на САД и ЕУ со партиите, ова е последна шанса за договор. Европратеникот Иво Вајгл попладнево изјави дека имале конструктивни средби, без притоа да прецизира детали од средбите со лидерите на партиите и дали се разговарало за евентуален датум за избори.

Иницијатива на ДУИ во 5 до 12

26 пратеници од ДУИ и ДПА ја дадоа потребната поддршка за иницијативата на потпретседателот на Собранието Рафиз Алити со која се предвидува отповикување на одлуката за распуштање на Собранието.
На иницијативата потпис ставија лидерите на двете партии од албанскиот блок, Али Ахмети и Мендух Тачи. Првичниот текст на иницијативата, брифираше Алити, не содржи одложено распушатање на Парламентот односно нов датум за избори, туку ќе се остави простор партиите меѓусебно да се договорат во координација со меѓународните претставници.
До затворањето на весникот се очекуваше иницијативата да биде доставена до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, кој потоа треба да одлучи кога ќе свика седница.
Пратеникот Павле Трајанов, независно од оваа иницијатива на ДУИ подготви две одлуки, по кои може да расправа Собранието. Според едната предлог-одлука Собранието треба да се распушти на 7 април, а изборите да се одржат на 5 јуни. Другата предлог-одлука не содржи датум.
За да биде повлечена одлуката за распуштање на Собранието која беше изгласана на 18 јануари, треба да гласаат најмалку 62 пратеници.
За пролонгирање на терминот од 24 април е потребно и менување на Изборниот законик, бидејќи во преодните одредби е наведено дека предвремените избори ќе се одржат на 24 април.
Собранието на Република Македонија, според одлуката што ја донесоа пратениците на 18 јануари, вечер на полноќ треба да се распушти со цел одржување предверемни парламентарни избори на 24 април, согласно Договорот од Пржино.

Депонирани оставки

Министрите и замениците-министри на СДСМ вчера ги депонираа своите оставки од функциите во Владата на Република Македонија. Доколку остане во сила одлуката за распуштање на Собранието донесена на 18 јануари годинава бараме оставките претходно да се констатираат, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Согласно Договорот од Пржино, Владата во која учествуваме се формираше за организирање фер и кредибилни избори откако ќе се исполнат сите точки од овој договор, рече Спасовски во изјавата за медиумите дадена пред Владата на РМ.
Техничкиот министер во МВР додаде дека СДСМ нема да ги алиментира “неслободните и недемократски избори кои ги најавува ВМРО-ДПМНЕ”.
За сето ова време, граѓаните немаат речиси никаква корист од министрите и заменик-министрите од СДСМ. Заменик-министерот за финансии Кире Наумов не донесе ниту една инвестиција, не овозможи ниту едно ново работно место, не предложи ниту една нова мерка за поддршка на стопанството.
Напротив, Наумов прави опструкции на секој чекор, прави опструкции и при реализација на буџетот кој предвидува зголемени пензии, зголемена социјална помош, инвестиции за нови патишта, нови училишта, нови спортски сали.
Техничката министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски освен тоа што кочеше проекти на Владата како што е проектот “Топол дом#, внесе партиски кадри и спротивно на закон разреши на раководители во министерството и директори на подрачни единици.
Ременски не може да се запамети ни по отворање на ниту една градинка, не предложи ниту една социјална мерка, ниту еден проект по кој ќе се запамети.
Техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски не спроведе ниту една организирана акција за сузбивање на криминал за цели три месеци. Тој ќе остане запаметен по грубата партизација на МВР, како и мега скандалот со членот на СДСМ Захир Бекири-Чауш, каде беше откриена блиска соработка на раководството на СДСМ, Заев и Спасовски, со криминалец како Чауш. Дополнително, без налог беше уапсен единствениот македонски градоначалник во Албанија, Едмонд Темелко.
Техничкиот заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николоски не предложи ниту една мерка за подобрување на состојбите, напротив, тој е препознатлив по постојаното опструирање на процесот на субвенции за земјоделците, мерките за поддршка на младите земјоделци, како и популарната мерка “50-50” за помош за земјоделците.
Истата состојба е и со заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски, кој остана запаметен единствено по кавгите и не предложи ништо. Граѓаните немаа никаква корист од министрите од СДСМ, само деструкција и опструкции во спроведување на конкретните мерки.


Кризата ја одложи Резолуцијата

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, т.н. АФЕТ-група, го одложи гласањето за Резолуцијата за Република Македонија, која според предлогот на известувачот Иво Вајгл треба да содржи седма последователна препорака до Европскиот совет за отворање на преговорите на македонската држава со Европската унија. Најновиот развој на политичките настани во Македонија, поради што вчера токму Вајгл со своите колеги Едвард Кукан и Ричард Ховит дојде во Скопје на преговори со претставници на политичките партии, придонесе наместо вчера, АФЕТ-групата да гласа за македонската Резолуција во Европарламентот на 29-ти овој месец.