За првпат во Македонија на пет лица кои што се први и на Балканот во лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во рамки на Специјалната болница “Филип Втори’ им е анализиран целиот ген со што однапред им се откриени потенцијалните ризици за развивање болести, како што се рак, срцеви заболувања, дијабетес, уште пред да се појават нивните први симптоми. Истовремено со овие анализи утврден е и нивниот одговор на стрес, одредени лекови, исхрана…,а целата постапка чини 2.800 евра

Оваа лабораторија, која работи од ноември 2016 година, во рамките на Специјалната болница Филип Втори за само три месеци во Македонија ги постави темелите за развој на македонската генетика.

Младиот тим на истражувачи предводен од д-р Горан Кунгуловски и со поддршка од д-р Жан Митрев за прв пат во земјава секвенционираа неколку човечки геноми и со тоа првпат во земјава за многу кратко време успешно се реализираше проект од вакви интелектуални и клинички размери.
Како што појасни д-р Кунгуловски анализата на геномот претставува првиот чекор кон нов пристап во медицината што се нарекува персонализирана медицина.

-За разлика од стандардната медицина со оваа однапред се откриваат потенцијалните ризици за развивање на болести како што е ракот, срцевите заболувања…уште пред да се појават првите симптоми – вели Кунгуловски и дополнува дека исто така однапред се утврдува и личниот одговор на човекот кон одредени лекови, односно која е неговата најсоодветна исхрана.

Според Кунгуловски овие генетски анализи се едно од најголемите достигнувања на македонската наука.

– Но ние не застануваме тука нашата интенција е во наредните неколку години да започнеме проекти што ќе се наречат “1000 македонски геноми# и “геном за секое новородено бебе# со што персонализираната медицина ќе биде достапна за сите особено за бебињата со нивното раѓање -објаснува Кунгуловски.

Со тоа ќе се овозможи навреме да се согледаат ризиците од конкретни болести, полесно ќе се одредува дијагноза, како и одговорот како реагираме на конкретни лекови, но и соодветна примената на нутригенетиката.

(В.Ма.)