Македонија одлучи да им се приклучи на земјите-членки на ЕУ кои протераа руски дипломати во знак на солидарност со Велика Британија, која веќе не е членка на ЕУ. Руската амбасада возврати со остра реакција и предупредување.

Грција која е членка на ЕУ и НАТО, засега нема информација дали воопшто ќе протера руски дипломати. Словенија, Словачка и Австрија засега исто така. Ниту Белгија и Бугарија ги нема на листата која ја објави BBC. Еве ја листата на земји кои веќе го сторија тоа.  

САД: 60 дипломати

Земји на ЕУ: Франција (4); Германија (4); Полска (4); Република Чешка (3); Литванија (3); Данска (2); Холандија (2); Италија (2); Шпанија (2); Естонија (1); Хрватска (1); Финска (1); Унгарија (1); Латвија (1); Романија (1); Шведска (1)

Украина: 13

Канада: 4, плус отфрлање на 3 дополнителни апликации од Русија

Албанија: 2

Норвешка: 1

Македонија: 1

Македонија и Русија влегоа во нов дипломатски клинч откако македонското МНР попладнево одлучи да протера еден руски дипломат од амбасадата во Скопје. Одлуката е израз на солидарност со Велија Британија заради случајот Скрипал, велат во Скопје.

 

Руската амбасада веднаш се огласи на Твитер оценувајќи ја ваквата одлука за “непријателска и неоправдана”.

„Исклучително непријателски, неоправдан чекор што нема преседан во руско-македонските односи. Одговорноста за последиците од овој потег во целост ќе ги сноси македонската страна”, се закани руската амбасада.

 

Од македонското МНР објаснуваат дека одлуката била донесена “во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО”.

ИЗБРЗАНА ОДЛУКА НА МНР И ВЛАДАТА НА РМ

Одлуката за протерување на руски дипломат од Република Македонија, во знак на солидарност со Велика Британија, е избрзана одлука на МНР и Владата на РМ.
Случајот сеуште не е истражен до крај и не се знае кој го отрул Скрипал и неговата ќерка.
Што доколу Русите немаат вина и не се вмешани во сето тоа?
Сето ова ми наликува како онаа народната: ,,Како прле пред магаре” – напиша професорот Јове Кекеновски на Фејсбук.

 

Повеќе земји на ЕУ деновиве се солидаризираа со Велика Британија протерувајќи руски дипломати. Москва досега одговараше со реципроцитет на овие мерки.

Британскиот амбасадор во Скопје Чарлс Гарет ја поздрави одлуката на македонските власти како “моќен израз на солидарност”.

 

Русија е членка на Советот за безбедност на ОН и беше меѓу првите кои ја признаа независноста на државата под уставното име во август 1992 година.

Руската официјална политика неколкупати во последно време отворено се спротивстави на можниот влез на Македонија во НАТО.

Претпоследното предупредување, кое содржи и закана по иднината на билатералните односи, произлезе од средбата на македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов со рускиот заменик-министер за надворешни работи Александер Грушко. Според соопштението на руското МНР, двајцата дипломати разговарале за „актуелни билатерални прашања”. Грушко е поранешен руски амбасадор во НАТО. Нема објаснување кој бил поводот за состанокот, но Карајанов и Грушко ја навеле потребата од продолжување на работата на Руско-Македонската меѓувладина комисија за трговија, економска, научна и технолошка соработка.

Од сооопштението се добива впечаток дека размената на мислења за состојбите на Балканот и влезот на Македонија во НАТО се одвивала како споредна тема.

„Руската страна наведе дека плановите да се внесе Република Македонија во НАТО би можеле да имаат негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи”, гласи последната реченица од соопштението од состанокот.

Неодамна, во интервју за српската агенција Бета, слични предупредувања испрати и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, иако неговиот речник беше нешто поумерен. Лавров тогаш рече дека „проширувањето на НАТО со Македонија е грешка”. Во тој контекст, Лавров тогаш оцени дека проширувањето на НАТО „претставува можеби и најсериозен предизвик за општата европска стабилност и безбедност”.