Македонија од денеска е членка на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка каде членки се сите 28 земји-членки на ЕУ, четирите земји-членки на ЕФТА, значи Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн, и Турција.

Македонија од 1 јули ќе биде 34-тата земја-членка на оваа конвенција и ќе биде дел од овој единствен транзитен систем во кој нашите царински испостави рамноправно ќе учествуваат заедно со околу 3000 царински испостави од речиси цела Европа. Царинската транзитна постапка претставува една од основите на европската интеграција и е од витален интерес за европските бизниси.

Со пристапувањето кон заедничката транзитна постапка на ЕУ се овозможува транзитирање на стоки меѓу кои и да се две места во кои било земји кои се дел од заедничката транзитна постапка со користење на една единствена транзитна декларација во електронска форма и единствена гаранција.

Официјалното пристапување кон Конвенцијата за заеднички транзит ќе биде одбележано денеска од страна на Царинската управа.

-Вообичаено, кога стоката се внесува во царинското подрачје на една држава, царинските прописи предвидуваат наплата или обезбедување на наплата на евентуалниот царински долг и други давачки, како и изготвување на соодветен царински документ. Формалностите се слични и кога стоката само поминува, односно транзитира на пат кон друга држава, вели директорката на Царинска управа, Наташа Радеска Крстевска во минатонеделното интервју за Вечер.

Според директорката, со заедничката транзитна постапка се обезбедува единствено движење на стоката во рамките на земјите-членки, од една влезна точка до местото на завршување на транзитната постапка, без разлика на тоа низ колку држави и гранични премини стоката треба да транзитира. По завршувањето на транзитната постапка, се завршуваат царинските и фискалните обврски и на стоката и се дозволува наредна царинска постапка, на пример, пуштање во слободен промет.

Пристапувањето кон Конвенцијата ќе овозможи полесно и побрзо движење на стоката заради спроведувањето на транзитната постапка со поднесување на единствена транзитна декларација во електронска форма во местото на поаѓање која ќе важи се до местото на одредиште во рамките на договорните страни на Конвенцијата.

Тоа значи дека транзитните постапки кои започнуваат во било која царинска испостава во Македонија, можат да завршат, на пример, во царинска испостава во Холандија и обратно, без застој на граничните премини и без поднесување на посебна транзитна декларација во секоја попатна земја. Оваа транзитна декларација паралелно ќе се употребува и како т.н. влезна збирна декларација при влезот во која било земја-членка на Европската унија, што е дополнително олеснување за нашите економски оператори бидејќи претходно, согласно регулативата на ЕУ задолжително требаше да се поднесе и ваков документ за секоја стока при влез во ЕУ.

Исто така, се употребува една банкарска гаранција со која се обезбедува евентуалниот долг во сите земји-членки на Конвенцијата. Оваа гаранција се задолжува во појдовната испостава, електронски се следи и автоматски се раздолжува кога стоката ќе стигне во непроменета состојба во одредишната испостава.
(Ал.С)