По двете јунски квалификациски средби за СП 2006 на гости со Ерменија (победа од 2:1) и Чешка (пораз од 6:1), фудбалска репрезентација на Македонија со нови 10 бода на ФИФА ранг листата и со 492 бода го дели 94. место со репрезентациите на Северна Кореја и Литванија. Минатиот месец бевме на 96. позиција, но новиот ранкинг не значи дека го подобривме пласманот, бидејќи веднаш зад нас со 484 поени е 97-пласираната Боливија. Со бод повеќе на 93. место се наоѓа Сирија. Од противниците во нашата Прва група Чешка го задржа второто место, а Холандија се проби на 4 позиција. Романија остана 32., Финска падна за три места и е 40., Ерменија е 121-ва, а Андора го подобри пласманот за три места и се најде на 135. позиција. Во новата ФИФА ранг листа нема промени меѓу првите десет репрезентации. Во водство е Бразил, а зад него се наоѓаат: Чешка, Аргентина, Холандија, Франција, Мексико, Англија, Португалија, Шпанија и САД.