x

Македонија конечно добива свој бејзбол клуб

Од понеделник, 15 јуни 2020. година, со одлука на Централен регистар на Република Северна Македонија, Здружението Бејзбол Клуб СЛАГЕРС Скопје е регистриран како прв бејзбол клуб во државата.

Она што започна како вон-училишна активност за учениците на меѓународното приватно училиште ЉСИ во 2015 година од понеделник прерасна во официјален бејзбол клуб. Самата иницијатива за формирање на клубот беше започната од неколку американски државјани, ентузијасти за бејзбол, кои живееа и работеа во Скопје, каде и започнаа со тренинзи за млади луѓе. Во пролетта 2018 година оваа иницијатива добива и свое име – Скопје Слагерс (Скопје Слуггерс) и продолжува да функционира самостојно како неформална бејзбол екипа која нуди тренинзи за деца (машки и женски) од 8 до 18 годишна возраст. До сега учествувале ученици од меѓународните училишта како ЉСИ и НОВА, но и играчи од државни училишта.

По повод регистрирањето на клубот, претседателот на СЛАГЕРС Скопје Ѓорги Георгиев изјави:

“Со моето приклучување на тренерскиот тим во Март изминатата година како единствен тренер-македонец започнува и самиот процес кој доведе до наше регистрирање како бејзбол клуб. Мојата визија, и тогаш и сега, е Македонија да добие своја федерација, бејзбол лига која ќе ја сочинуваат тимови од повеќе градови во државата, вистински бејзбол терен(и) и национален тим налик останатите држави од нашето соседство. Зад нив доцниме најмалку 30 години, но сметам дека со напорна работа, промоција и помош од државата, како и со наоѓање на луѓе кои би се посветиле кон остварувањето на целите поставени од наша страна, визијата може да ни се оствари.”

Од самото започнување на иницијативата па се до денес, поради недостатокот на клубови во Македонија, а со самото тоа и противници против кои би се натпреварувале, екипата на Слагерс има патувано на неколку пријателски турнири во Србија, Хрватска и Унгарија.

Клубот се надева дека во иднина нема да мора да оди надвор од државата за да игра бејзбол и дека бејзболот ќе стане реалност за голем број млади во Македонија.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата