Македонија ќе биде земја во фокус на Меѓународниот филмски фестивал Фебиофест, кој е во тек и ќе трае до 25 март во Прага, Република Чешка.

Во рамките на програмата “Фокус на македонскиот филм” ќе бидат прикажани осум македонски долгометражни играни филмови.

Дел од програмата се филмски остварувања на нашиот еминентен и меѓународно реномиран режисер Столе Попов, односно неговото најново филмско остварување “До балчак”, како и дигитално реставрираните филмови “Тетовирање” и “Џипси Меџик” кои се дел од проектот за дигитална реставрација на целокупниот филмски опус на Столе Попов, реализиран од Кинотеката на Македонија во 2011 година.

Во рамките на програмата “Фокус на македонскиот филм” ќе се прикажат и филмските остварувања, “Медена ноќ”, “90 минути – Берлин проект” и “Големата вода” во режија на уште еден македонски меѓународно афирмиран режисер, Иво Трајков.

Ќе бидат прикажани и најновиот филм на Светозар Ристовски “Лазар” и дебитантското остварување на Даријан Пејовски – “Три дена во септември”.

Директорката на Агенцијата за филм м-р Мими Ѓоргоска – Илиевска во рамките на својот престој во Прага ќе оствари средби и со афирмирани продуцентски куќи, како и претставници на ФАМУ во интерес на унапредување на филмската дејност во Македонија.