“Македонија ги исполни сите договорени мерки за имплементација на програмата за првата година од Програмскиот заем за развојни политики ПДПЛ аранжманот. Со тоа станаа оперативни и првите 30 милиони долари, односно првата од трите транши во кои ќе се повлекуваат средствата од овој аранжман во вкупна вредност од 90 милиони долари. Со првата транша Македонија добива и седум милиони евра од Холандската Влада која се јавува во улога на кофинансиер на Програмата”. Ова вчера го соопшти канцеларијата на Светската банка во Скопје од каде изразуваат задоволство од напорите на Владата да се спроведат договорените мерки во сите области опфатени со аранжманот.
“Наша проценка вели дека е направен значителен напредок во последните неколку години што е добра основа за натамошно забрзување на развојот во наредниве неколку години”, велат од Светска банка и додаваат дека ќе продолжат со активно вклучување на сите релевантни актери во контекст на подготовка на новата Стратегија за помош на земјава за период од 2007 до 2010 година со крајна цел да се подобри животниот стандард на жителите на Македонија и за нејзино побрзо интегрирање во ЕУ.
Македонија ПДПЛ аранжманот го доби на 27 октомври годинава. Останатите две транши од по 30 милиони долари ќе се повлекуваат откако Светската банка секоја година ќе направи преоценка на сработеното при крајот на третиот или четвртиот квартал во годината. Повлекувањето на парите е врзано со реформите на пазарот на труд, јавната администрација и судството.


Весна М. БОЖИНОВСКА