Македонија во годината што измина не успеа да го оставари најавениот и посакуваниот инвестициски бум. Место 200 милиони долари, колку што актуелниот претседател Црвенковски, тогаш во улога на премиер, најави дека ќе стигнат во земјава во 2004 година, за деветте месеци лани за колку што и има официјални податоци, во земјава влегле половина или 105 милиони долари странски директни инвестиции. Официјалните податоци говорат дека во последниве две години, за волја на вистината, странските директни инвестиции во земјава континуирано растат. Во 2003 година тие се зголемија за 22 отсто во однос на претходната година и го достигнаа нивото од 95 милиони долари, додека за минатата година, според планот, тие треба да го достигнат нивото од дополнителни 20 до 25 отсто во однос на годината пред тоа. Според министерот за финансии Никола Поповски, иако странските инвестиции растат, тие се се уште недоволни. “Не треба да имаме илузии дека исклучиво странските директни инвестиции ќе ги решат нашите инвестициски проблеми. Самите ќе треба повеќе да штедиме и повеќе да инвестираме од домашните ресурси”, вели Поповски и додава дека СДИ треба да бидат дополнување на процесот на инвестирање во земјава. Факт е, говорат официјалните податоци дека СДИ се се уште значително помали од вкупните годишни инвестиции на јавниот сектор во земјава и дека главниот товар на инвестициите треба да го понесе приватниот сектор. Според првиот финансиер во државава Поповски, основен услов за влез на странски инвестиции е политичката стабилност и безбедност на земјава, па дури потоа се економските услови. (В.М.Б.)