За активностите што треба да се преземат од денеска во Скопје се одржува дводневна работилница со учество на над 100 учесници од 18 државни институции, во организација на Агенцијата за катастар на недвижности. Работилницата е поддржана од регионалниот проект за инфраструктура на просторни податоци ИМПУЛС, финансиран од Кралството Шведска.

Според директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, најголеми придобивки од инфраструктурата на просторните податоци ќе имаат пред се граѓаните, а понатаму институциите и приватниот сектор.

– Станува збор за 34 сетови на геопросторни податоци, почнувајќи од катастарски парцели, згради, податоци за шуми, за земјиште за воздух. Енормно многу податоци што во Македонија 18 државни институции треба да ги креираат и да ги стандардизираат според INSPIRE директивата, а понатаму преку националниот геопортал кој е веќе во функција треба да се објават и да бидат од корист на цела држава. Тој национален портал пак треба да се поврзе со европскиот геопортал и со сите други геопортали во регионот, изјави Трпески.

Тој истакна дека се работи за мега проект на ЕУ во којшто Македонија во континуитет е вклучена со сите европски држави и не заостанува ниту малку. Краен рок за негово завршување е 2019 година.

Со Законот за национална инфраструктура на просторни податоци, што беше усвоен минатата година, според Трпески, се транспонирани 65 проценти од задолжителните одредби на директивата. Останатите 35 проценти се очекува да бидат имплементирани годинава со носење подзаконски акти. Со активностите за техничкиот дел за транспонирање на директивата со лани воспоставениот национален геопортал четири државни институции веќе нудат геопоросторни податоци.

– Целта на INSPIRE директивата е стандардизација. Сите имаме просторни податоци и идејата е да имаме исто стандардизирани хармноизирани услуги за пристап до тие податоци за да може да се разменуваат и да се комбинираат, изјави Кристин Валстром, координатор на проектот.

Многу е важно, потенцира, податоците што ги користите за носење одредена одлука да бидат ажурирани и да може да бидете сигурни во тоа.

– Мислам дека во Македонија ќе успеете да го постигнете она што е зацртано. Процесот е веќе почнат, главните чекори се преземени, основан е совет за национална инфраструктура за просторни податоци, и многу е важно да се продолжи со работата на различните компоненти од инфраструктурата на просторни податоци, како метаподатоците, услугите за прустап до тие податоци, рече Валстром.