За една година отворање 15 до 20 илјади нови работни места очекува Владата со продолжување на еден од најуспешните проекти – “Македонија вработува#, што ќе почне кон крајот на овој или почетокот на наредниот месец. Како што информира вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски,

Владата веќе го подготвила теренот за овој проект кој ќе се одвива под мотото “Борбата за работни места продолжува#, со вчера усвоените измени на законите за вработување и осигурување во случај на невработнеост, за пензиско и инвалидско и за здравствено осигурување, кои се доставени до Собранието за донесување по итна постапка. Како и со првиот проект и со овој, работодавците ќе бидат ослободени од плаќање придонеси и персонален данок од доход доколку вработат лице од предвидените пет категории невработени.

Во првата категорија се младите до 35 години кои пред вработувањето со оваа мерка најмалку три месеци биле невработени. За нивно вработување работодавецот ќе биде ослободен од давачките за период од 36 месеци. Во втората група се лицата меѓу 35 и 50 години кои во последните 15 години во работен однос биле најмногу пет години, а без работа биле три месеци пред новото вработување. За вработување на овие лица работодавците се ослободуваат од давачки 60 месеци.

Лицата постари од 50 години се во третата категорија и за нивно вработување работодавците нема да плаќаат придонеси 60 месеци. Во четвртата категорија се невработените постари од 58 години, кои на пазарот на труд тешко доаѓаат до работа. За нив работодавецот се ослободува од плаќање придонеси и персоналец се додека тие не остварат право на пензија. Услов е пред ова вработување лицето на таа возраст најмалку две години да немало засновано работен однос.

Проектот е наменет за пет категории невработени

Петтата категорија ја сочинуваат потешко вработливите лица, односно оние под социјален ризик, како лица со инвалидитет, самохрани и родители на три или повеќе деца, како и поранешни професионални војници, за кои е услов три месеци да немале засновано работен однос, а ослободувањето од плаќање придонеси се однесува за период од 60 месеци од вработувањето. За сите категории, освен за оние најблизу до пензија, услов за работодавците е да ги задржат на работа уште најмалку 12 месеци откако ќе ги искористат бенефициите што им ги дава проектот.

Како што потенцира Пешевски, овој проект е наменет за поддршка на домашното стопанство, а со него на фирмите им е овозможено да си ги намалат трошоците и средствата да ги пренасочат кон други инвестиции. А колку е полезен проектот покажуваат резултатите од неговото спроведување во текот на последнава една година.

– Проектот “Македонија враобтува# се покажа како еден од најуспешните проекти во историјата на Република Македонија кога станува збор за прашањето за намалување на невработеноста. Околу 19.000 лица се вработија во над 10.000 компании за само една година од спроведување на проектот. Граѓани од различни категории кои подолг временски период бараа работа. Споредбено, таа бројка соодветствува на отворање 12 компании со по 1.600 нови работни места, по една во секој месец од спроведувањето на проектот, истакна Пешевски.

Тој информира дека за време на спроведување на проектот од првиот квартал на 2015 до првиот квартал на 2016 година невработеноста е намалена за 2,8 процентни поени, од 27,3 на историски најниските сегашни 24,5 проценти, а токму проектот “Македонија вработува# е главниот двигател.
Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов проектот “Македонија вработува# бил голема поддршка за 10.138 компании, а најмногу им помогнал на микро и малите компании кои ќе ја придвижат економијата напред.

– На барање на бизнис заедницата и поаѓајќи од начелото дека борбата за нови работни места треба да продолжи, ќе продолжиме да им помагаме на младите луѓе да дојдат до своето прво работно место и да создадат предуслови за создавање семеен живот, но и на оние кои долго чекаат работа, како и на повозрасните категории граѓани кои многу потешко стапуваат на пазарот на трудот и кои пред почнувањето на проектот “Македонија вработува# не беа конкурентни, а сега се. Од особено значење е вработувањето на социјално ранливите категории кои ќе може да живеат од сопствениот труд што им го нуди проектот “Македонија вработува# како огромна шанса, рече Спасов.

Поволностите само за фирмите кои редовно плаќаат давачки

Поволностите од проектот, како што појасни министерот Спасов, ќе може да ги искористат фирми кои редовно плаќаат даноци, плати и придонеси за вработените. Невработеното лице кое работодавецот ќе сака да го вработи во последните две години не треба да било претходно вработено кај работодавец кој ќе ја користи мерката за ослободување од плаќање социјални придонеси и персонален данок на доход или кај работодавец кој има сопственичка, организациска и управувачка поврзаност со работодавецот што ја користи мерката.

Воедно, наведе Спасов, работодавецот не треба да го намали бројот на вработени сметано од 15 мај годинава до денот на вработување на нови работници преку проектот, освен во случај на смрт или пензионирање. Доколку работодавецот го зголеми бројот на вработени сметано од 15 мај годинава до денот на вработување на нови работници, не треба да го намали вкупниот број на вработени до денот на вработувањето на нови работници и да нема неисплатени плати, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци повеќе од два последователни месеци.

– Потребните буџетски средства за реализација на проектот ќе бидат обезбедени во рамките на трансферите што ги правиме кон Фондот за пензиско осигурување како во изминатите години, така што нема потреба од загриженост дека ќе недостасуваат средства за реализација на проектот. Во делот на ослободување од персоналниот данок, тоа е откажување од некои идни приходи кои сега не постојат, така што тоа нема влијание врз буџетот, појасни Пешевски.

(С.Ву.)