Македонија била преплавена со експлозив!
Најновиот штрајк и блокадите на вработените од претпријатието за експлозивни средства “Витезит” од местото Витез во БиХ, го исфрли на виделина повеќегодишниот шверц со минскоексплозивни материјали во Косово, Македонија, Србија и во некои земји на Африка преку Црна Гора и Хрватска. Револтираните работници велат дека од фабриката со години нананзад на црниот пазар се продадени огромни количества од надалеку познатиот витезит, а челниците на фирмата заработиле милиони евра.
Сценариот на шверцот најчесто идело по следната процедура:
Кога припадниците на меѓународните сили во фабриката ќе донеле запленети минскоекспозивни средства за уништување, поголемо количество веднаш се издвојувало и им било испорачувано на шверцерите-нарачатели, по точно утврдена шема. За да се биде чисто, на странските наредбодавачи со лажна документација им било прикажувано дека е извршено уништувањето на комплетното количество.
Според првиот синдикалец на фабриката Драган Папиќ, големи количества се продавале за војувањето во Косово, како и за судирите во Македонија во пролетта 2001 година. Во тоа време, пратките за Македонија, особено за пограничните села кон Косово и Јужна Србија, оделе преку травничката фабрика “Претис”, а од таму преку Бијељина и Прешево. Сите експлозивни средства, место во топилницата на “Витезит”, завршувале во рацете на албанските терористи во Македонија и на југот на Србија.
Вториот кабал одел кон црногорското пристаниште Бар и Ријека во Хрватска, од каде експлозивот се шверцувал кон повеќе земји на Африка кои постојано се изложени на воени судири. Познат е примерот со пронајдените огромни количества барут на еден брод во пристаништето Бар кој патувал за Африка. Подоцна било утврдено дека барутот е од фабриката “Витезит”.