Уставниот суд деновиве го укина членот 98, став 5, алинеја 6 од Законот за административни службеници, кој се однесува на престанокот на работниот однос на административниот службеник по сила на закон ако наврши 62, 63, 64 или 65 години старост (за жени), односно 64, 65, 66 или 67 години старост (за мажи).

Со овој член мажите се во привилегирана позиција како резултат на законски предвидениот основ за максималната граница на години старост за одење во пензија во однос на жените, што е дискриминаторска и противуставна разлика по основ на полот. Така, жените по навршувањето на 62 години можат секоја година да бараат од работодавачот за една година да им го продолжи работниот однос, но само до 65 години, додека мажите исто така секоја година по навршувањето на 64 години да бараат да им се продолжи работниот однос до 67 години.

Како што појаснуваат од Уставниот суд иницијативата за покренување на измена на законска одредба е потребна бидејќи не се пропишува еднаква правна положба на граѓаните според полот. Оваа иницијатива треба да овозможи горниот плафон на завршувањето на работниот однос кај административните службеници да биде ист без разлика на полот, односно ако горниот лимит е 65 или 67 години тој да биде ист и за мажите и за жените.

Истовремено, иницијативата треба да овозможи да се преуреди законската регулатива во официјална постапка и процедура. Со тоа ќе им се овозможи на најголемиот дел од граѓаните во земјава кои работат во административните служби, без разлика на полот, да го завршат својот работен однос на иста возраст.

Во големата група на административни работници се вклучени сите јавни служби, државни органи, министерства, агенции, бироа, вработените во локалната самоуправа, јавните претријатија, јавните служби, како и од образованието, здравството и културата…

-Предвидувањето со оспорената одредба на административните службеници да им престане работниот однос на различна возраст во зависност од полот значи нееднаков однос кон граѓаните по основ на пол секогаш кога условите за престанок на работниот однос по сила на закон и утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените, како што е овој случај – дополнуваат од Уставниот суд.

Подносители на иницијативата до Уставниот суд се Стамен Филипов и народниот правобранител на РМ, кои сметаат дека е противуставно на административните службеници да им престанува работниот однос на различна возраст во зависност од полот.

-Според Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување и секое работно место му е достапно на секого под еднакви услови. Уставна обврска на законодавецот била при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучувајќи го и престанокот на работниот однос на административните службеници по сила на закон, граѓаните да ги става во еднаква правна положба по наведените основи, па и по основ на пол – посочуваат подносителите на иницијативата.

Според народниот правобранител во актуелниот член од Законот за административни службеници има дискриминација по основ на пол и оваа законска одредба не е во согласност со уставниот постулат за забрана на дискриминација по основ на полот содржана во членот 9 став 1 од Уставот на РМ.

Од друга страна, оценува народниот правобранител, споменатата дискриминаторска одредба на Законот за административни службеници која што не е во согласност и со меѓународните конвенции кои Република Македонија ги има ратифукувано и согласно член 118 од Уставот на РМ се составен дел на правниот поредок.

Исто така, народниот правобранител смета дека споменатата одредба на Законот за административни службеници не е во согласност и со одредбата на членот 32 став 1 и 2 од Уставот на РМ со кои секому му е загарантирано правото на работа под еднакви услови, со оглед дека различните години на старост како услов за старосна пензија ја оневозможуваат жената слободно да одлучи за привилегијата да поднесе барање за продолжување на работниот однос до
навршени 67 години старост, како што тоа право му е дадено на мажот.

(В.Ма.)