x

ЛШ: Рашфорд го „расплака“ Париз, доминација на Барса и Лацио, реми во Лондон (ВИДЕО)

rashford

Манчестер Ј. приреди големо изненадување победувајќи го ПСЖ во премиерното коло од новата сезона во Лигата на шампионите. Барселона фуриозно го помина Ференцварош, а Лацио доминираше против Борусија (Д). Ова беа дел од најинтересните средби вечерва во сегментот Е-Х во новата сезона од најквалитетното европско клупско натпреварување.

ПСЖ – МАНЧЕСТЕР Ј. 1:2 »

Манчестер Ј. со два обида од белата точка дојде до предност против ПСЖ од 1:0 во 24. минута, откако Навас најпрво му го одбрани пеналот на Бруно Фернандеш, но судијата Матеу од Шпанија го врати на повторно изведување затоа што Навас тргнал предвреме од гол-линијата. Во вториот обид Фернандеш беше успешен.

Во второто полувреме нов притисок на домашните. Манчестер Ј. играше на контранапади, но ПСЖ по жестокиот притисок издејствува гол за израмнување, откако Марсијал ја погоди мрежата на Де Хеа за 1:1. И кога се чинеше дека е парижани ќе го направат финалниот притисок, младиот Маркус Рашфорд се избори за позиција за шут и во 87. минута погоди за ново гостинско водство.

 

БАРСЕЛОНА – ФЕРЕНЦВАРОШ 5:1 »

И Барселона поведе од пенал. Откако Ференцварош промаши идеална шанса за водство, Меси беше соборен во шеснаесетникот на гостите и истиот фудбалер во 27. минута на Барса и обезбеди водство од 1:0. Пред крајот на полувремето погоди и Ансу Фати за 2:0.

Во второто полувреме Барселона тргна со нов гол. Овој пат Кутињо беше прецизен во 52. минута и успеа на каталонците да им обезбеди предност од 3:0. Гостите, сепак, добија шанса да си заминат од „Камп Ноу“ со погодок. Пике направи прекршок за пенал, доби црвен картон, а гостите преку Харатин намалија на 3:1. Сепак, Барселона до крајот уште двапати ја погоди унгарската мрежа. Младиот Педри погоди во 82. минута, а Дембеле во 89. ги постави конечните 5:1.

 

ЛАЦИО – БОРУСИЈА (Д) 3:1 »

Лацио брзо дојде до убедлива предност против Борусија (Д). Најпрво Имобиле во 6. минута отвори за 1:0, а Луис Фелипе во 23. зголеми на 2:0.

Во вториот дел немаше гол цели 25 минути, па следуваше еден прекрасен гол на Халанд со кој Германците намалија на 2:1 и најавија возбудлива завршница. Но, наместо Борусија (Д) да се врати во игра за реми, домашните преку Акпа Акпро погодија во 76. минута и вратија предност од два гола за 3:1.

 

ЛАЈПЦИГ – ИСТАНБУЛ Б. 2:0 »

Анхелињо имаше полувреме за паметење на мечот со Истанбул Башакшехир. Фудбалерот на Лајпциг постигна два гола за убедлива предност на „биковите“ по првиот дел. Во вториот дел гостите имаа неколку шанси, но резултатот остана непроменет.

 

ЧЕЛЗИ – СЕВИЉА 0:0 »

Единствениот меч кадешто вечерва немаше голови беше дуелот меѓу Челзи и Севиља. На „Стемфорд Бриџ“ иако домашните имаа повеќе од играта, резултатот остана непроменет до самиот крај.

РЕН – КРАСНОДАР 1:1 »

На дуелот во Франција, првото полувреме заврши без постигнат гол, но затоа на стартот на вториот дел домашните добија пенал. Во 55. минута Гираси со малку среќа погоди под рацете на гостинскиот голман за 1:0. Среќата кратко траеше. Гостите преку Рамирез само три минути подоцна успеаја да дојдат до егал – 1:1.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата