x

ЛШ: Аталанта во стилот на Лестер и Лацио – влезе како дебитант и стигна до четвртфиналето

Екипите на РБ Лајпциг и на Аталанта го направија најголемиот свој успех во европските купови. Вечерва германскиот тим и италијанскиот дебитант успеаа да ја поминат осминафиналната фаза и да влезат во четвртфиналето на најкомерцијалното клупско натпреварување во Европа. Аталанта допатува на „Местаља“ со предност од 4:1 од првиот меч одигран во Италија, а вечерва пред празни трибини во Валенсија екипата од Бергамо славеше со 3:4.

Инаку, Јосип Иличиќ ги даде четири гола за „сино-црните“, два од пенал со што стигна до бројката 14 гола во сите конкуренции во 2020 година, еден повеќе од Кристијано Роналдо во истиот период.

За Валенсија два гола постигна Кевин Гамеиро (за 1:1 и потоа за 2:2), а еден Феран Торес (за 3:2). Сепак, тоа не е доволно за да се избегне елиминација.

Досега најголемите успеси во Европа клубот од Бергамо ги имаше на крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Во 1988 година стигнал до полуфиналето на некогашниот Куп на победниците на Куповите (КПК), а тоа беше трето по квалитет европско натпреварување. Во 1991 година се пласира во четвртфиналето на Купот на УЕФА (сега Лига Европа) и беше запрен од Интер, кој таа година го освои трофејот.

Аталанта е првиот тим после Лестер (2016-17) и Лацио (1999-2000) кој како дебитант стигнал до четвртфиналето на ЛШ.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата