Влезот на рускиот нафтен концерн “Лукоил” преку приватизацијата на ОХИС, треба да го дисциплинира најголемиот македонски трговец со нафта “Макпетрол”. Ова е тивка стратегија на поширок круг на бизнис-лобија, кои диктираат нови прегрупирања во нафтениот бизнис, но со сесрдна поддршка на Владата. Посебно што “демонополизацијата” на “Макпетрол” треба да се изведе преку Агенцијата за приватизација, Берзата или ПИОМ, односно преку продажба на општествениот и државен пакет акции на ОХИС, која намерно се оддолжуваше за ваква “голема намена”. Веста дека руски “Лукоил” е заинтересиран за ОХИС е дамнешна работа, но најавата дека купувањето на 31,42 општествен, 12,5 државен и 7,38 отсто акции на ПИОМ од најголемиот хемиски комбинат е врзано со отворање на 80 бензински пумпи наведува дека станува збор исклучиво за “стратегија за клекнување” на “Макпетрол”. Дека “Макпетрол” води битка со одредени бизнис-лобија е стара работа, посебно оние кои се најголеми корисници на нафта и гас, односно кои ги критикуваа за монополски цени и екстра профити. Досега “Макпетрол” од нив се бранеше преку логистиката во владата која ја имаше кај одредени министри, па и премиери, иако и другите противставени лобија постојано му “дишеа во врат”. Првиот инцидент со “Макпетрол” беше при претседателската посета на Русија и обидот за влез на “Лукоил” во “Макпетрол”, поради која и првиот човек на оваа компанија интервентно отпатува за Москва за да каже дека неговата компанија не може да се продава без него. Актуелниот антимонополски закон го условува “Макпетрол” да го спушти процентот на контрола на малопродажната мрежа на деривати од 67 на 33 насто, што би значело затворање на пумпи. Доколку “Макпетрол” тоа не го стори доброволно, Владата ја нуди оваа резервна варијанта на давање на 80 пумпи на “Лукоил” наспроти реалните потреби на пазарот, но со што, заедно со приватните пумпи, демонополизацијата автоматски ќе се случи и сите би имале по 30 отсто од продажбата на деривати. Сепак, за да дојде до ова Владата ќе треба прво да објасни зошто досега не и дозволи на ОКТА изградба на 20-тина пумпи, согласно купопродажниот договор, а освен тоа да причека барем до април кога ќе може да ги продава акциите од ОХИС, кои ги држи Агенцијата за приватизација, преку трансформиран фонд за управување со државен капитал или преку ПИОМ на Берза.


Виолета ЦВЕТКОВСКА