Руски инвестициски фонд следната недела доаѓа во Македонија за да ги почне преговорите со државните институции за влез во Македонија. Ова вчера ни го потврдија високи владини функционери кои тврдат дека претставниците на “Лукоил” ќе дојдат на преговори во Агенцијата за приватизација, но и во други државни институции со цел да ги видат можностите за влез во приватизацијата на најголемиот хемиски комбинат ОХИС. ОХИС официјално, преку Македонската берза за хартии од вредност демантираше дека учествувал во какви било преговори за продажба на контролниот пакет на акции на “Лукоил” и дека такви преговори води исклучиво Владата. Во оваа насока одат и информациите дека руските посредници прво ќе ја посетат Агенцијата за приватизација која кај себе го држи најголемиот пакет-акции од овој комбинат 31,42 отсто општествен капитал, а заедно со 12,5 државен и 7,38 отсто акции на ПИОМ, идниот стратешки инвеститор може да го добие доминантното управувачко право во компанијата. Влезот на “Лукоил” во ОХИС како и можната “дарежливост” на државата со давање на дозвола за 80 бензиски пумпи приватизациските експерти го толкуваат и како “свилен конец” околу “Макпетрол”, односно постепена пенетрација прво во бизнисот, па потоа и во сопственоста на најголемиот наш нафташ. Дека вакви турбуленции на нафтениот пазар се можни покажуваат и берзанските движења, односно очекуваниот пораст на акциите на “Макпетрол” на пазарот на капитал. За акциите на “Макпетрол” моментално на овој пазар има огромен интерес но никој не ги продава. Односно, засега има само три продажни налози од 13.000, 14.000 и 30.000 денари, додека потенцијални купувачи има многу, но сопствениците упорно не ги продаваат акциите чекајќи ја разрешницата на случајот со “Лукоил”. Виолета ЦВЕТКОВСКА