Седумдесет и седумгодишна жителка на Делчево е хоспитализирана откако по направените тестирања кај неа е утврдено присуство на Ковид-19. Ова денеска го потврди директорката на делчевскиот Здравствен дом, Марија Глигоровска, која информираше дека со цел спречување на ширење на заразата, надлежните веќе прават анализа на контактите на пациентката.

– За жал, можам да кажам дека од вчера добивме лоша вест. Се работи за наша повозрасна сограѓанка која е заболена од Ковид-19. Епидемиологот во моментот утврдува дали се работи за интрахоспитална инфекција или се работи за инфекција која ја добила тука во болницата. Се прави анализа на сите контакти кои ги имала пациентката. Нашата сограѓанка пред да биде однесена во болница е снимена на рендген, прегледувана е на интерно и во домашни услови, поради што правиме анализа на контактите во самата болница. Нашите лекари добро беа заштитени, при што е констатирано е дека нема никаква опасност, информираше Глигоровска.

Тоа што загрижува, според Глигоровска, е контактите кои ги имала пациентката, поради што од Здравствениот дом се сомневаат на уште еден пациент кој веќе е тестиран и резултатите ќе бидат објавени наскоро.

– Имаме уште еден сомнителен случај кој контактирал со нашата сограѓанка која е од ромска националност. Знаете нивната психоза е малку подруга. Кога ќе се разболи некој сите се заедно, така што има многу контакти, но се надевам дека нема да има други позитивни и заболени. Конечниот список на контакти на заболената се детектира. На најблиските контакти од семејството денеска им се прават тестови, исто како и на момчето кое работело како мајстор во семејството. Останатите се анкетирани и се уште се детектираат. На сомнителното лице и неговото семејство кое не е во сродство со нашата сограѓанка, треба да се направи анкета. Тоа веќе го работи епидемиологот, Пациентката засега хоспитализирана во болница и посакувам да нема нови заболени меѓу семејството, во околината и пошироко меѓу нашите сограѓани, пациенти и нашите вработени, додаде Глигоровска.

Како најдобра заштита ја посочи заштитната маска, за што на граѓаните им препорача да се придржуваат кон оваа обврска. Во однос на работата на установата рече дека ќе продолжи спроведувањето на редовни и вонредни мерки за дезинфекција.

– Сега-засега се е под контрола. Ние тука во домот дезинфицираме, пред да примиме друг пациент, после секое снимање на рендген се дезинфицира апаратот, така што можат да бидат спокојни во тој поглед пациентите. Од вчера особено повторно се интензивира дезинфекцијата на комбињата на Итната помош и сите останати оддели. Правиме се што можеме, меѓутоа бараме помош и од граѓаните, да ги почитуваат мерките како првиот пат што беа дисциплинирани. Особено упатуваме апел до младите да се придржуваат до мерките, да носат маски и да држат дистанца, бидејќи маската се покажа како најдобра заштита во изминатите шест месеци, рече Глигоровска.

Резултатите од новотестираните, како што додадоа од Здравствениот дом, ќе стигнат за два три дена, а дотогаш детектираните контакти ќе бидат во изолација.

Од Здравствениот дом, кој раководи и со Здравствената станица во Македонска Каменица информираа дека во оваа општина каде има три активни случаи на Ковид-19, направени се тестови по трет пат и сите се негативни.