Купувањето градник подеднакво е важно како и купувањето чевли или очила со соодветна диоптрија. Несоодветниот градник може да предизвика црвенило, отежнато дишење, хронична главоболка, но и да резултира со деформирање на градите. 

Добриот градник само ги потпира градите, а при носењето не го ни чувствувате, затоа што овозможува нормално движење без непријатно втиснување во кожата. Иако големината може да се измери, броевите како и кај облеката може да се разликуваат од модел од модел и најдобро е при купувањето да пробате. 

Вистинската големина не предизвикува затегање и непријатност, а со подигање на раката може да видите дали е доволно цврст. 

Долниот раб на корпата треба да стои тесно за телото затоа што таа псигурува 80 отсто од потпората за градите. Ако бретелите се врежуваат, веројатно, долниот раб не е доволно притиснат за телото, па прерамките се премногу затегнати за градите да бидат поддржани. 

Жените со мали гради и самите знаат дека не мора да носат градник ако не сакаат, додека оние со поголеми гради треба да го носат заради здравјето и сигурноста.