Општина Карпош во учебната 2018/2019 година ќе ангажира лични асистенти за учениците со посебни потреби за сите десет основни училишта. Станува збор за лични и образовни асистенти што ќе овозможат полесно следење на наставата и совладување на училишните обврски од страна на учениците со посебни потреби.

Ангажираните асистенти ќе бидат невработени лица кои преку скратеното работно време ќе имаат можност да стекнат нови вештини и да излезат на пазарот на трудот. Градоначалникот Стефан Богоев посочи дека овој проект претставува вистинска поддршка за учениците со посебни потреби, но и можност невработените лица да може да бидат поконкурентни и да им се понудат подостоинствени услови за живеење.

„Општината ќе продолжи да работи на подобрување на условите за лицата со посебни потреби. Тоа ќе го правиме и преку поставување пристапни рампи пред влезовите и образовните установи, но и наменски сензорни соби во дел од училиштата со цел полесно овие ученици да ја следат наставната програма“, рече Богоев.

Проектот за ангажирање лични асистенти за учениците со посебни потреби е во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.

 

Одделение за односи со јавност

извор: Makfax