Министерот за здравство д-р Владо Димов во текот на оваа недела ќе ги парафира актите со кои на Лекарската комора на Македонија и се пренесуваат овластувањата за лиценцирањето и акредитацијата на лекарите, како и другите ингеренции кои и се отстапуваат на оваа еснафска асоцијации. Со тоа се создаваат услови за практична имплементација на измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита од февруари, минатата година, со кои се воведува лиценцирањето на докторите преку систем на основна лиценца, лиценца за работа и задолжително релиценцирање на секои седум години, како обврска со што ќе се верификуваат стекнатите и новоосвоените знаења на лекарите. За воведување на ваквиот систем ЛКМ се залага веќе 10 години, како проверен рецепт кој успешно функционира во развиените држави и земјите на ЕУ. Со него е предвидено Комората да биде надлежна за стручниот испит кој лекарот ќе го полага по завршувањето на медицинскиот факултет и зацртаното стажирање. Испитот ќе се состои од тест, практична проверка на стручните знаења, како и етичко деонтолошки прашалник. Со положувањето на овој испит идниот лекар ќе се здобие само со основна лиценца со која ќе може да работи единствено под надзор на поискусен лекар кој веќе има лиценца за работа. За право на самостојна лекарска практика, односно лиценцата за работа, како задолжителен услов се воведува специјализацијата во некоја медицинска област, меѓу кои е и примарната здравствена заштита. Сите лакари кои до влегувањето во сила на законските измени имаат положено стручен испит се смета дека имаат лиценца за работа. Стекнатата лиценца за работа не е трајна, односно таа ќе се обновува на секои седум години, а во меѓуввреме лекарите ќе мора да обезбедат определен број поени (но и 60 проценти од времето да работат во областа за која имаат лиценца) преку разни форми на стручни усовршувања за кои ќе биде задолжено Македонското лекарско друштво и неговите здруженија. Со пренесувањето на овластувањата под надлежност на Комората минува и единствениот регистер на лекарите во земјава, а та ќе ги дава и акредитациите за стручно доусовршување и континуиран професионален развој.