Кај спиралните скали кај ГТЦ деновиве „никна“ конструкција за лифт, што предизвика реакции меѓу архитектонската фела и граѓаните, особено што се работи за објект – обележје на Скопје и репрезент на македонска современа архитектура, дело на Живко Поповски.

За панорамскиот лифт кој почна да се гради на влезот на Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје, општината не е задолжена да издава градежна дозвола бидејќи станува збор за пристап за инвалиди, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, откако стручната јавност реагираше дека се нагрдува архитектонското наследство.  Тој вели дека според законот, секој објект треба да има обезбеден пристат за лица со инвалидитет и во вакви случаи само се доставува решението до Општината, која потоа само контролира дали се градело според параметрите.

„Од Градскиот трговски центар добивме решение дека ќе се поставува лифт за пристап на лица со посебни потреби. Не треба да се издава градежна дозвола за градба на вакви објекти“, вели градоначалникот Богдановиќ.

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски смета дека лифтот треба да се тргне од ГТЦ, а Општина Центар не требало да даде согласност за проектот кој бил доставен до нив, бидејќи објектот е достапен за лица со посебни потреби и без овој лифт.

– Станува збор за објект во центарот на главен град на една држава и недопусливо е кон тој објект да се однесувате со ‘пиљарски’ менталитет. Уште една тезга, па фриждер, па тенда.  Да ве потсетам на дуќанчето под скалите“, реагира Пановски.

„За да функционира лифтот, срушена е бетонската ограда од самиот објект на ГТЦ. Така да, целата постапка има повеќе димензии. Да не зборуваме за авторски права, посегнување по нешто што е неприкосновено – ГТЦ како комплекс, структура и систем. Ако менаџерскиот тим смета дека ова е некој приоритет, тогаш, веќе им реков дека страшно многу грешат. Пред се’, сметам дека како стопански субјекти, како одговорни лица – не смееле да прават дивоградба. Одобруваа на она што го говорев, дури ми рекоа дека се стопирани. Грешката е направена, ужасна е, но може да се поправи“, вели Даница Павловска – Циги, архитектка за Радио МОФ.

Лифтот ќе чини 65.000 евра.