Двајца литвански амбасадори се на пат за бркање од Министерството за надворешни работи. Тие биле повикани во Литванија од страна на Генералниот инспекторат на литванското Министерството за надворешни работи кое врши истрага за телефонски разговори објавени на Јутјуб, а во кои се вклучени литвански дипломати, пренесуваат тамошните медиуми.

Станува збор за литванскиот амбасадор во Азербејџан, Артурас Жураускас, како и за амбасадорот на оваа земја во Унгарија, Ренатас Јушка, кој ја покрива и Македонија.

Негови разговори во кои тој наводно пренесува детали од средби и ставови кои се контра владата и претседателот, а во кои теми на разговор се Русија, Азербејџан и Ерменија биле снимени и се нашле на Јутјуб.
– На 8 јули снимки од три телефонски разговори беа објавени на Јутјуб. Разговорите наводно ги вклучувале литванските дипломати Зенонас Куметаитис, заменик-директор на Министерството за надворешни работи, Ренатас Јушка, амбасадор на Литванија во Унгарија, Артурас Жураускас, амбасадор на Литванија во Азербејџан, и Гедиминас Каспутис, официјален претставник на Министерството за надворешни работи, објави Курир, повикувајќи се на литванските медиуми.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи Раса Јакилаитиене за литванските медиуми изјави дека истрагата е во тек и одби да даде понатамошни објаснувања. Во моментов и двајцата амбасадори се на одмор, па и од нив има молк.

Амбасадорот на Литванија во Унгарија, Ренатас Јушка, кој задолжен и за Македонија, стана актуелен во македонската јавност откако кон крајот на минатиот месец работеше самостојно, промовирајќи свои, а не државни ставови.

Во таа насока, тој на 23 јули истакна дека Македонија не е приоритет на литванското претседателство со Европската унија, и дека земјата нема напредок. Наспроти неговите тврдења, двете земји негуваат одлични пријателски односи. Освен што фактите ја негираат неговата изјава, тој беше демантиран и од сопствениот министер за надворешни работи. Јушка сега се соочува со бркање од литванското МНР.