Претставата „Лисистрата” на НУ Татар Комедија имаше успешна изведба во рамките на 14. Интернационален Фестивал на античка драма (ФАД) „Стоби 2015″ . Според режисерката Наташа Поплавска, претставата одлично искомуницирала со публиката.

Во претставата играа актерите: Јелена Жугиќ, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска,Е дмонд Сотир, Нина Деан, Жарко Димоски, Зорица Нушева ,Илија Илиоски, Кристина Ласовска и Валентин Костадиновски-Тино.

Јелена Жугиќ, која настапи во главната улога на Лисистрата, потенцира дека многу го сака Фестивалот на античка драма поради тоа што се игра на сцена во древниот Стоби.

“Годинава за жал поради реконструкција на амфитеатарот не игравме на древната сцена, на оној магичен простор каде секогаш се случуваат одлични претстави. Но, затоа првпат играм во новата театарска зграда во Велес која ме воодушеви како и велешката публика која јас ја сакам”, изјави Жугиќ.

„Лисистрата” е петта од седумтте претстави во конкуренција за наградите на фестивалот: гран при за најдобра претстава, за најдобра режија и за најдобра машка и женска улога, кои ќе бидат врачени на 22 септември на затворањето на фестивалот.