Македонскиот ракометен првак Металург се наоѓа пред историска шанса да биде втор во групата Ц во Лигата на шампионите и за првпат во својата историја во осминафиналето на ЛШ да има полесен противник. За да ја остварат целта, “металурзите” в недела во арената “Борис Трајковски” (17 ч.) треба да го совладаат данскиот Силкеборг. До ваква разврска во групата дојде во минатото коло, кога Металург на гости го прегази рускиот Санкт Петербург, а Силкеборг, неочекувано на домашен мегдан го совлада словенечкиот првак Горење, со што му овозможи на нашиот тим во последното коло сам да решава за својата судбина за втората позиција, без разлика на исходот во дуелот во Велење меѓу Горење и Киелце.

По тој повод, вчера стратегот на “металурзите” Лино Червар и капитенот Ванчо Димовски ги изнесоа своите видувања за она што се случи досега со екипата во ЛШ и што очекуваат в недела.
– В недела имаме голема шанса со победа да се искачиме чекор повисоко од лани. Минатата година во групата бевме трети, а сега со победа место повисоко. Ова е многу битно, бидејќи во тој случај при ждрепката, што ќе се случи во вторник во Виена, ќе добиеме противник кој е третопласиран од “А”, “Б” или од “Д” групата. Згора на тоа имаме и привилегија првиот меч да го играме на гости, а реваншот дома – беше првиот коментар на Лино Червар за дуелот со Силкеборг.

Червар веќе ја гради тактиката за неделниот меч со Данците, но зборува со епитет за противникот и посакува полно гледалиште.
– Ќе ни “треба ветер во грбот”, публиката да ни биде осми играч, да не понесе, да одиграме најдобро што можеме и на крајот заедно да славиме. Силкеборг на стартот на ЛШ го совладавме со три голови разлика на гости, но од коло во коло Данците играат се подобро. Во екипата имаат четворица репрезентативци кои играа на СП. Затоа, јас сум многу внимателен. Имаат брза контра, играат скандинавски, борбено, од почеток до крај. Сепак, мислам дека нема да ја пропуштиме историската шанса – оптимистички заклучи Червар.

ЛШ – РАКОМЕТ
Кил со лекција за Шундовски и Ангеловски
Поранешниот селектор на македонската ракометна репрезентација Звонко Шундовски и репрезентативецот Бранислав Ангеловски не успеаја да приредат изненадување во мечот од последното коло во Лига на шампиони. Тие со својата Констанца се поразени од германскиот гигант Кил со 28:25 во натпревар кој не одлучуваше за пласман на романскиот тим во осминафиналето.

Романците уште по минатото коло беа елиминирани, а во последниот натпревар Ангеловски постигна само еден гол, додека најпрецизен беше Тома со шест погодоци. Во германската екипа најефикасни беа Јиха и Екберг со по шест голови.

Констанца групната фаза ја заврши со скор од две победи и осум порази во групата во која настапуваа уште Кил, Атлетико (М), Веспрем, Целје и Савехоф.

Вилизар ПАВЛОВ