Лидерот на руските навивачи, Александар Шпригин, за само три дена, повторно е депортиран од Франција поради вмешаноста во физичките пресметки кои се случија во Марсеј и во кој учествуваа англиските и руските хулигани.

Шпригин беше помеѓу 20 руски навивачи кои беа уапсени и депортирани од Франција изминатата недела, Тој во саботата си замина од Франција, но се врати во понеделникот со цел во живо да го следи последниот натпревар од групната фаза помеѓу селекците на Русија и Велс.

На својот Твитер профил напиша дека влегол во Франција на “необичен начин и во ноќните часови#, претставувајќи се како турист.

Сепак, после само неколку часа, Шпригин повторно бил уапсен во Тулуз, а полицијата потврди дека тоа се случило после неговата објава на друштвените мрежи.

Русинот потврди дека од Тулуз до Париз пристигнал во придружба на двајца полицајци и дека од таму се упатил за Москва. Шпригин потврди дека нема намера повторно да се врати во Франција затоа што Русија е елиминирана од континенталното натпреварување.

Сепак успешниот обид на рускиот навивач е сериозен удар врз безбедноста на француската граница, а во земјата се уште постои вонредна состојба поради терористичките напади кои се случија изминатиот ноември.

Интересно е што Шпригин е член на комисијата на руската влада која ги надгледува подготовките на Москва за Светското првенство кое ќе се одржи во 2018 година. Поради таквата функција, Шпригин е еден вид на потпарол на руските фанови кои беа дел од ЕП 2016. Тој веднаш ја информираше јавноста за бројот на притворени фанови по големите нереди кои се случија во Марсеј на 11 јуни.