Условите под кои во иднина ќе се прогласува технолошкиот вишок ќе се “пеглаат” на највисоко ниво. Ова доаѓа откако работните групи на Синдикатот и работодавците не ги приближија ставовите во досегашните преговори околу усогласувањето на текстот на Општиот колективен договор за стопанството со одредбите на Законот за работни односи (ЗРО). Поради тоа, претседателите на ССМ, Ванчо Муратовски и на Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ), Димитар Стојановски ќе мораат да пресечат за ова многу важно прашање кое остана единствената недоговорена работа од колективниот договор.
Како што се дознава, синдикатот предлага бремените жени, самохраните родители и оние со едно дете или дете со хендикеп, како и работниците со повеќе години работен стаж да бидат изземени при евентуално прогласување на технолошки вишок. Работодавците, пак, сметаат дека ЗРО нуди доволно можности при вработувањата, како што се вработување на определено време – најмногу до четири години, со што се ограничува прогласувањето на технолошки вишок. ЗРО му дава одврзани раце на работодавачот ако се најде во финански проблеми да отпушти работници со едноставно раскинување на работниот договор.
– Мислам дека и за ова прашање ќе се најде заеднички јазик, како што беше и по другите одредби од колективниот договор. Некои велат дека сме издејствувале многу права за работниците. Тоа не значи дека сме ги надмудриле работодавачите, туку дека пред партнерите настапивме со аргументи и тоа вроди со плод”, вели портпаролот на ССМ, Пеце Груевски.
Инаку, Управниот одбор на ОРМ денеска треба да го верификува текстот на Општиот колективен договор за стопанството, по што се очекува неговото потпишување да се случи веќе идната недела. Груевски вели дека веднаш потоа работните групи ќе треба да седнат и да го договорат текстот на другиот Општ колективен договор за нестопанството. Предлогот на ССМ е веќе доставен до ресорното министерство и Груевски очекува дека усогласувањето овој пат ќе оди полесно, бидејќи 90 отсто од работата е завршена со колективниот договор за стопанството. Според ЗРО, усогласувањето и потпишувањето на двата општи колективни договори треба да завршат до петти февруари.


Светлана БЛАЖЕВСКА