На Клиниката за детски болести во Скопје вчера беше предадена донацијата од фармацевтската куќа “Лек- Скопје”, со која се компјутеризирани сите оддели во оваа врвна педијатриска установа. Донацијата се состои од компјутери и печатачи во вредност од 17.000 евра, а со нивното ставање во функција се компјутеризира приемот на пациентите, водењето на нивните истории, исписите… Донацијата официјално ја предаде, новиот директор на “Лек Скопје” ,Тадеј Ленарчиќ, кој нагласи дека таа е уште еден дел од мозаикот на инвестиции и помош на компанијата за македонското здравство. Компјутерската опрема е подарена во рамките на кампањата “Пријатели на Клиниката за детски болести”, чиј покровител е потпретседателката на Собранието, Лилјана Поповска. Претсатавниците на “Лек Скопје” најавија дека ќе го финансира и софтверот потребен за меѓусебно мрежно поврзување на компјутерите и нивното интегрирање во системот на Медицинскиот факултет и Универзитетот. Вкупната вредност на досегашните донации за оваа установа, според потпретседатлката Поповска, изнесува околу 250.000 евра. “Подобрени се инфраструктурата, условите за престој на децата и на вработените и обезбедени се некои од апаратите за дијагностика. За да се обезбеди пристојни услови за лекување на пациентите, е неопходна целосна поправка на водоводно-канализациската мрежа, поправката на покривот, на фасадата, реновирање на одделите”, рече Поповска, истакнувајќи дека има најави за нови донации и од меѓународни организации. (Р.Н.)