Млада лекарка добила отказ од американска болница откако било утврдено дека повеќе години наназад објавувала антисемитски пораки на социјалните мрежи, пишува британски „Индипендент“.

Докторката Лара Колаб работела во болницата „Кливленд клинк“ во американската сојузна држава Охајо. На социјалните мрежи таа честопати пишувала против Евреите. Меѓу другото, објавувала и дека на Евреите намерно би им давала погрешни лекови.

Раководството на болницата и доделило отказ на 27-годишната лекарка веднаш штом се дознало за нејзините објави на интернет. Од таму објасниле дека Колаб работела со нив како практикант меѓу јули и септември минатата година, но дека повеќе не е ангажирана во болницата.

Лара Колаб долго време јавно пишувала против Евреите. Така, уште во 2012 година таа на Твитер напишала дека намерно би им давала погрешни лекови на сите Евреи.

Таа честопати Евреите ги споредувала со кучиња и пишувала дека настаните од Холокаустот неосновано се пумпаат.

Во 2011 година, таа на „Твитер“ наводно објавила порака со следнава содржина: „За сè го обвинувам Израел, за сè што не е добро. Ви велам, Алах ќе ги убие Евреите“.

Нејзините пораки во ноември ги обелоденила веб-страницата Canary Mission, која на тапет ги става експертите или јавните личности за кои се верува дека имаат антисемитски ставови. После тоа, сите профили што ги користела Лара Колаб на „Фејсбук“, „Твитер“ и „Линкдин“, биле деактивирани.

Сепак, некои корисници на овие социјални мрежи успеале да ги зачуваат нејзините објави. Според службени податоци, докторската лиценца на Лара Колаб и натаму е активна и истекува во 2021 година.

извор: Makfax