Турската интернационалка во редовите на Кометал Ѓ.Петров, Јелиз Озел, која пред десетина дена имаше оперативен зафат во болницата “Мала Богородица” – Систина, добро се чувствува, а завчера беше и на преглед кај лекарите што ја извршија оваа интервенција. Нивното мислење е дека со неа се е во ред, и може слободно да тренира. Според информациите од канцеларијата на клубот, по лесните тренинзи Озел од вчера почна да тренира со поголем интензитет, трчање и шутирање на гол, а со оглед на тоа што изгуби десетина тренинзи, се уште е неизвесно дали ќе игра на првиот финален натпревар од Лигата на шампионите, на 14 мај на гости со актуелниот европски првак, данскиот Слагелсе. Стручниот штаб на Кометал Ѓ.Петров за ова ќе одлучи в четврток, откако нашиот првак синоќа и денеска ќе ги одигра двете пријателски средби со српско-црногорскиот прволигаш Хумел во “Кале” и утре, кога е на програмата реваншот од полуфиналето на женскиот плеј оф за државен првак со Олимпик. на првата средба со Олимпик, Озел беше на трибините. (В.П.)