Снимателската легенда Хосе Луис Алкаин ќе биде претседател на петчленото меѓународно жири на интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки” – Битола. Во жирито кое ќе одлучува за четирите високо ценети статуетки Камера 300 (златна, сребрена, бронзена, мала) се и Елма Татарагиќ, основач на Филмскиот фестивал во Сараево, Дејан Дуковски, драмски писател и сценарист од Република Македонија, Божидар Манов, водечки бугарски филмски критичар и публицист, и Амнон Злајет, еден од најактивните и најбарани израелски кинематографи.

Претседател на тричленото жири, пак, на програмата Нови визии, која е натпреварувачка од 2011 година, ќе биде Антонио Митриќески, македонскиот режисер и професор по филмска и телевизиска режија. Останатите членови на жирито се и двете дами Шахла Нахид, доктор по социјална психологија, новинарка и филмска критичарка на Радио Франс интернешенел и Андроника Мартонова, бугарска филмска критичарка и истражувачка на азискиот филм.
Жирито и на главната програма и на програмата Нови визии е сочинета од потврдени и почитувани имиња од светот на филмот и на уметноста”

Годинешното 34. издание на “Браќа Манаки” ќе се одржи од 14 до 20 септември 2013 година во Битола и ќе биде отворено со премиера на македонскиот филм “Соба со пијано” на режисерот Игор Иванов. Шпанскиот кинематограф Хосе Луис Алкаин е добитник на “Златната камера 300” за животно дело во 2013, а француската снимателка Ањес Годар на специјалната награда Златна камераа за особен придонес во светската филмска уметност.