Лебот поскапе. “Жито Вардар” од Велес денеска место 20, лебот од тип 400 ќе го продава по 22 денари. Ова е поскапување од 10 проценти што од овој најголем велешки производител на леб го објаснуваат со порастот на цената на пченицата на домашниот и на светските пазари. Најави за зголемување на цената на лебот има и од скопски “Жито Лукс” и од приватните пекарници во земјава.
– Дневно дистрибуираме по 20.000 парчиња леб. Покрај лебот од тип 400 сразмерно ќе поскапат и другите видови леб, како диеталниот, а засега, со исти цени ќе останат белите печива. Доколку продолжи трендот на поскапување на пченицата, можно е да има ново зголемување на цените на лебот – вели директорот на “Жито Вардар”, Ристо Ташев.
Лебот од пред неколку дена е поскап и во Свети Николе и во Струмица. Во мелничко-пекарските претпријатија велат лебот поскапува поради недостатокот од лебно зрно и зголемената цена на нафтата. Во Прилепско-битолскиот крај има уште околу пет милиони килограми непредадена пченица, но, сепак, тие количини нема да бидат доволни за да се пополни недостатокот од лебното зрно.
– Во Струмица лебот од неодамна поскапе од 20 на 25 денари, а во Свети Николе од досегашните 17 сега се продава по 20 денари. Има најави дека Владата ќе интервенира од стоковите резерви. Ако се случи тоа треба да се очекува дека цените повеќе нема да се зголемуваат – вели Румен Смилевски, претседател на Здружението за мелничко-пекарска индустија.
Инаку, деновиве Министерството за земјоделство ги повика сите земјоделски производители кои имаат пазарен вишок на пченица и кои сакаат да ја продадат на мелничко-пекарската индустрија да ги пријават количествата во подрачните единици на Минстерството.
Овие податоци, како што се посочува, се потребни за да се споредат со податоците во Министерството и за да се направи точниот биланс за реализација на увозните квоти за пченица. Целта е да се откупат што е можно поголеми количества домашна пченица, но и да се овозможи увоз на пченица за нормално работење на мелничко-пекарската индустрија.
Според дел од мелничко пекарската-индустрија, нема доволно домашна пченица и бараат да се реализира бесцарински увоз на пченица.
Андреја СЕРАФИМОВСКИ