ЛДП бара средба на коалиционите партнери за да се разговара за ЕУ перспективите. Патијата соопшти дека на вечерашната седница, Извршниот одбор ја разгледал актуелната состојба во земјава по блокадата од страна на бугарската Влада, за одобрување на преговарачката рамка за пристап на РС Македонија во ЕУ.

Извршниот одбор на ЛДП изразил големо задоволство за недвосмислената јавна поддршка од страна на евролибералите, како и на сестринската партија ДПС од Бугарија, кои врз основа на споделените европски либерални вредности, се залагаат за решавање на отворените историски прашања, надвор од преговорите за членство во ЕУ. За ЛДП членството на Македонија во ЕУ останува врвен национален приоритет, врз основа на критериумите од Копенхаген, притоа почитувајќи ја реалноста за македонскиот идентитет и национална посебност, втемелени во двата Илиндени од 1903 и 1944, како и референдумот за независност од 1991 година.

ЛДП бара средба на коалиционите партнери за да се разговара за ЕУ перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија и интервјуто на премиерот за Бгнес. Партијата се залага за решавање на сите отворени прашања преку отворен дијалог, врз основа на взаемно почитување, споделени вредности и презентација на потврдени факти;

„ЛДП инсистира на доследно почитување на ратификуваните меѓународни договори кои ги обврзуваат договорните страни, потсетувајќи дека сите постојни договори го потврдуваат несомненото постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската култура. ЛДП го осудува говорот на омраза, особено на неприфатливиот говор кој го негира самоидентификувањето на секоја личност и на секој колективитет, вклучително и понижувањето на македонскиот народ и македонската нација. Ги поттикнуваме историчарите во поставените меѓудржавни комисии, но и генерално во регионот, на интензивна соработка во утврдувањето на неоспорните историски факти и за нивно преточување во заеднички историски наративи, следејќи го франко-германското искуство кои ќе водат кон приближување на народите, наместо да предизвикуваат чувства на пониженост и подреденост“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека ЛДП ќе продолжи да се залага со сите политички и законски средства за зацврстување на македонскиот културен, јазичен, национален и историски идентитет во земјата и во странство, истовремено грижејќи се за промоција на сите културни, јазични и етнички различности во нашата земја.

ЛДП нема да ги коментира изјавите на дел од бугарските политичари до завршувањето на изборите, бидејќи нема намера да им помага во градењето на нивниот рејтинг заснован на шовинистичка и националистичка реторика. Партијата ги повикува партнерите во ЕУ да ги изолираат овие националистички политики, а пријателите и државјаните на Бугарија на следните избори со својот глас масовно да ги поразат овие политичари.

извор: Makfax