ЛДП го поздравува трансапрентниот начин на објава на Извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на СЈО, каде беа утврдени низа неправилности во однос на исплатата на додатоците на специјалните обвинители од поранешното СЈО по основ на надоместоци.

Според Извештајот на ДЗР исплатени се вкупно 282.896.000 денари или околу 4,6 милиони евра, за кои ДРЗ тврди дека нема законско покритие.

Од Либералната демократска партија велат дека станува збор за огромна сума на пари и за сериозни обвинувања од страна на ревизорите.

ЛДП инсистира на институционално и темелно разрешување на случајот од извештајот на ДЗР и го повикува Основното јавно обвинителство во најкус можен рок да постапи во однос на наводите за незаконско работење на СЈО. Разрешувањето на овој случај, како што велат од партијата, е важно за довербата на граѓаните во функционирањето на правната држава и дека никој не е над законот.

„На нашата земја во моментов не и потребна улична демократија за решавање на проблемите, туку функционални институции и европски систем на правда и неказнивост. Затоа ЛДП до крај ќе инсистира преку институциите оние кои се огрешиле од законот да сносат последици. Порачуваме дека за овој случај ќе правиме јавен и политички притисок да има брза разрешница и ќе ги користиме сите институционални методи во таа насока. Нашите пратеници во Собранието ќе го покренуваат ова прашање преку пратенички прашања и други парламентарни средства се дури не се разреши, а покрај казните евентуално неправилно поделените средства да бидат вратени во буџетот на државата. Во Македонија мора заедно да изградиме силни независни државни институции по теркот на ДЗР. Во Македонија мора сите да работиме чесно“, велат од ЛДП.

извор: Makfax