Станува збор за 30- годишната Англичанка, Нел Мекендрус, една од најгламурозните и најбараните британски модели. Таа се прослави пред десетина години како убавица од третата страница на дневникот “Дејли Стар”, но многу повеќе како девојка според која беше измислен ликот на Лара Крофт во компјутерската игра “Томб Рајдер”. Следуваа нејзините настапи во англиските риалити ТВ-шоу програми, а позната е како голем вљубеник во спортот и фитнесот. Но, по препорака на нејзиниот личен нутриционист, Нел пред три недели се појави на стартот на прославениот Лондонски маратон, каде што трчаше и јуначки ја истрча патеката од 42 и кусур километри, заедно со неколку илјади натпреварувачи. Веќе е познато дека победи една од најславните англиски маратонки, Пола Редклиф, со резултат од 2 часа и 17 минути, а времето на “Лара Крофт” беше речиси за еден час послабо. Но, тоа не е ни важно, бидејќи ефектот беше постигнат со тоа што таа загуби еден куп калории и полни два килограми.