Лазаров и Черепналковски – првите луѓе на новите ЕСМ и МЕПСО
Панде Лазаров, досегашен директор на “Електростопанство” на Македонија и неговиот помошник за инвестиции и развој, Трајче Черепналковски се новите директори на ЕСМ (за производство и дистрибуција) и на МЕПСО (за пренос) кои произлегоа од некогашното “Електростопанство”, кои на последниот ден од минатата година се запишани во судскиот регистар како трговски друштва целосно во државна сопственост. Владата, како Собрание на акционери, избра Надзорни одбори, кои, пак, ги назначија Управните, а овие именуваа први луѓе на компаниите. Меѓу двете нови компании веќе почна преселбата, при што друштвото за пренос се сели во зграда “залепена” до “Телеком” каде што е лоциран диспечерскиот центар, а она другото, во зградата на дирекцијата. И останатите простори и згради кои ги има поранешното ЕСМ ќе се поделат. Во рамките на преструктурирањето кое е во тек е влезен и планот за продажба на осумте друштва со ограничена одговорност, а посебно формираната група треба до крајот на март да предложи начин и услови под кои тие ќе се продаваат. Во овој список се осум ДООЕЛ – и и тоа хотелите “Молика”, “Попова Шапка” и мотелот “Крушино”, потоа сепарација од Кичево, фабриката ФОРД од истиот град, фабриката за делови од Битола, погонот за телевизори “Светлина” од Куманово и двете друштва за општествена исхрана. Со овие продажби, кои, како што се најавува ќе биле по пат на јавен тендер, бројот на вработените ќе се намали за околу 700 колку сега работат во овие друштва.
Зденка ПАВКОВИЌ