x

ЛАЗАРОВ: Вардар направи многу, ако се вмеша политиката ќе биде лошо

Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров, во интервју за хрватскиот весник „24 сата“зборуваше на најразлични теми. Загреб кој беше погоден од земјотресот пред една недела , кој е еден од омилените градови на нашиот репрезентативен капитен, пулсира низ деновите на изолација, а Лазаров не го заборава главниот град на Хрватска.

„Пет години играв во Загреб, мојата ќерка Лана таму се роди и емотивно и спортски сум врзан за овој град. Центарот на градот и плоштадот „Бан Јелачиќ” го обожавам, а „Дом спортова” и „Трешњевка” беа мое секојдневие.

Тоа утро кога се случи земјотресот се разбудив во 8:30 часот и на социјалните мрежи веќе имаше илјадници пораки. Многу грозно чувство, ме фати паника, да бидам искрен. Имам доста пријатели во Загреб и првата мисла ми беше дали се живи и здрави. Започнав веднаш со пораки и јавување, па фала му на Бога освен оштетувањето на куќите и становите, немаше проблеми кај нив”, раскажува Кире.

Од неговите почетоци многу работи се познати, но малкумина знаат дека првиот идол на Лазаров, е кошаркар, а не ракометар.

„Прво започнав да играм кошарка. Во петто одделение идол ми беше Кукоч и го носам дресот со број седум заради него. Заради мојот татко се префрлив во ракометот. Тој беше врвен ракометар, играше за Вардар во тогашната југословенска лига. Ми беше незгодно заради него, тој да биде ракометар, а син му да фрла на кош”.

Потоа, откако ја освои Македонија преку Борец и Пелистер, десниот бек со голема перспектива замина во Хрватска.

„Дојдов во Загреб на 20 години, иако имав и други понуди, бидејќи бев талентиран левичар. Имав понуди од Германија и Шпанија, но немав дилеми. Ме влечеше Загреб и заради говорното подрачје. Се сеќавам дека Зоран Гобац дојде на еден натпревар на репрезентацијата во Македонија да ме гледа. Сарачевиќ ми беше идол и тогаш ми беше чест да го наследам. Лино ми е прв учител и многу го ценам како личност и како стручњак. Од него секогаш може нешто да се научи и тој секогаш позитивно влијае на мене. Многу бара од ракометарите, но ако сте паметни и го истрпите, многу ќе добиете. Искрено се радував на среброто на Хрватска на последното Европско првенство. Голем борец и победник е Лино. Тој ги цени поштените, вредните и храбрите. Тука се пронајдовме еден со друг”, смета Лазаров.

Од многуте квалитетни натпревари за Загреб, Лазаров издвои кои натпревари му се најдраги.

„Многу добри натпревари одигра за Загреб во Купот на шампионите, но ако мора нешто да издвојам тоа е плеј-оф серијата против Меткович. Тоа се натпревари за историја. Требаше тоа да се издржи, таму имаше големо ривалство. Многу од ракометарите кои играа во тоа финале, станаа светски прваци во Португалија во 2003 година. Не сакав да си заминам од Загреб, но беше финансиска криза и клубот ме продаде во Сиудад Реал на Душебаев. Иако во Загреб и јас и семејството добро живееме, ја прифатив одлуката на клубот, се согласив на продажбата и заминав во Шпанија”.

Успесите на Вардар ги следи одблиску и според Лазаров овие години „црвено-црните” оствариле и повеќе од очекуваното.

„Вардар направи многу овие години, дури и повеќе отколку што се очекуваше. Најмногу заслуги за тоа има Самсоненко. Вложи многу, работеше паметно и беше упорен. Ако се вмеша политиката, ќе биде лошо. Но, Вардар е институција и потребен му е на македонскиот народ и спорт”, вели Лазаров.

За крај се осврна на својата кариера во Нант и националната репрезентација.

„Верник сум, пред секој натпревар одам во црква, а и носам икона со себе. Два-три часа пред секој натпревар се затворам во карантин, ќе испијам кафе на сонце. Што се однесува до репрезентацијата, ја подмладивме. Можеби тоа требаше порано да го сториме, но од секоја грешка се учи. Репрезентацијата доста те потроши ако си во сериозни години, но ако си млад ракометар знае да биде одличен излог за пазарот. Хрватска е пример како се сака и почитува националниот дрес и од вас треба да учиме.Имам уште една година од договорот со Нант, иднината ми е врзана за спортот и ракометот и тоа е најдоброто што знам да го работам”, заврши нашиот репрезентативен капитен.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата