Одлуките за протерување на руски дипломати донесени од некои западни земји, се резултат на притисоци и уцени од САД, рече рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

„Кога земји протеруваат еден или двајца дипломати, а притоа ни ‘дошепнуваат’ извинувања, знаеме дека протерувањата се резултат на колосален притисок и силна уцена, што се главни инструменти на шефовите од Вашингтон“, рече Лавров.

Вкупно, повеќе од 20 земји одлучија да протераат руски дипломати во знак на солидарност со Велика Британија поради случајот со труење на поранешниот агент, Сергеј Скрипал на британско тло.

Ова досега го направија 16 земји на Европската унија, но и европски земји кои не се членки на Унијата, група која покрај нашата земја, која ќе протера еден дипломат, ја сочинуваат и Украина, Норвешка и Албанија.

Од неевропските земји, за протерување на руски дипломати се одлучија САД, Канада и Австралија.

извор: Makfax