Договор за вработување може да се склучи и со куќни помошнички, при што дел од заработувачката може да се исплатува во натура, во вид на престој или исхрана. Останатото, барем половината од платата мора да биде во пари. Покрај вработувањата на неопределено и определено време што остануваат како опција и во новиот Предлог-закон за работни односи, законодавецот има најбројни измени токму во овој дел овозможувајќи поголема флексибилност на договорите за вработување. Изготвувачите на новото законско решение дозволуваат работодавците да можат со работниците да склучуваат договори со пократко работно време (парт тајм), но и да може вработениот да работи од дома. Овозможено е да има и договори за вработување со работоводни лица (менаџери), како што се членови на управа на акционерско друштво, работодавачи на друштва со ограничена одговорност и членови на управа на стопански интересни здруженија, како и со директори на претпријатија со општествен капитал. Како новина во вработувањето на определено време се предвидува вакви договори со ист работник и за иста работа да се склучува најмногу четири години. На пример, во Франција определената договорна работа е 24 месеци, во Холандија – пет години, додека во Австрија и Германија е забрането продолжувањето на договорите на определено. Што се однесува до договорите за вработување со скратено работно време, работникот кој склучил таков договор ги има сите права и обврски како и оние што работат со полно работно време, со тоа што може да користи најмалку девет дена годишен одмор што е половина од загарантираните 18. При тоа, работникот може да склучи вакви договори со повеќе работодавачи и така да го постигне полното работно време. Работа од дома, како облик на редовен работен однос, важечкото законодавство го познава веќе подолго време, но во практиката се уште не е заживеан. Заради брзи развојни промени, пред се при воведување на нови технологии и телекомуникациски поврзувања, овој облик на работа добива се поголемо значење. Во Австрија, Германија, Италија и Холандија ова е уредено со посебен пропис, а во Франција и Шведска е дел од законите за работни односи. Во вакви случаи, работодавецот треба за ваквата работа да ја извести трудовата инспекција во рок од осум дена.


Светлана БЛАЖЕВСКА