Австрискиот канцелар Себастијан Курц во врска со дијалогот меѓу Белград и Приштина изјави дека на двајцата претседатели им ветил целосна поддршка на Австрија.

Тој додаде дека се надева на „скорешен натамошен напредок”.

„Ние го поддржуваме секој договор што резултира со посилна соработка меѓу земјите од Западен Балкан и поголема стабилност во регионот … Одвај можам да замислам размена на територии, бидејќи регионот не го прави постабилен ако многу години по вооружениот конфликт сè уште се обидуваме да ги преместиме границите”, кажа Курц.

Тој додаде дека Западен Балкан за Австрија не е само фокус на сегашното претседателство на Советот на ЕУ, туку е и суштински дел од австриската надворешна и европска политика со години.

 

извор: Makfax