До крајот на неделава се очекува Министерството за транспорт и врски да распише тендер за избор на консултант кој ќе треба да го подготви, да се распише и спроведе конкурсот за избор на идниот концесионер на Скопскиот аеродром. Во Министерството за транспорт и врски велат дека се очекува изборот на идниот советник да заврши некаде во ноември, а тендерот за избор на компанијата која во следните 20 години ќе управува со Скопскиот аеродром да биде најверојатно во март.
Се очекува идниот консултант да има “тешка” задача бидејќи постојат различни интереси. А на која “воденица ќе се тера водата” ќе се види од условите кои ќе бидат поставени. Првично беше најавено “размислувањето” во игра да можат да влезат само оние компании кои имаат искуство со управување со најмалку два аеродроме низ кои минуваат милион патници. Меѓутоа, сега излегуваат многу имиња на заинтересирани фирми, од кои некои немаат такви референци.
На разговори во Аеродромското претпријатие веќе беше германската компанија “Хохтиф”, која го градеше аеродромот во Тирана, како и оној во Атина спроти Олимписките игри и која е фирма со светско реноме. Средба имало и со турската Челеби. Меѓу заинтересираните од порано е и турската МНГ, а во игра се и извесна малезиска компанија која сака во Скопје да правои регионален центар, како и грчката компанија Актор која, наводно, сака да настапи заедно со Сименс што може да и биде “добитна” комбинација.