Не можејќи да се справи со дивовселените станари во државните станови, државата реши да ги продава сосе оние кои живеат во нив. Во текот на наредниот месец, Јавното станбено претпријатие ќе објави огласи за продажба на 480 вакви станови, но заинтересираните купувачи ќе треба да најдат начин како да ги иселат луѓето. Државата, пак, иако ги има на располагање сите правни механизми да си го реши проблемот, не успеала тоа да го направи.
Од Јавното станбено претпријатие истакнуваат дека државата се одлучила на ваков чекор, бидејќи е немоќна да ги решава ваквите проблеми, пред се поради судските спорови кои траат со години.
“Сметавме дека купувачите полесно ќе се справат со насилновселените. Јавното станбено ќе го овласти новиот купувач сам да ја пренесе сопственоста на станот во Катастар и да ги искористи сите правни можности што му стојат на располагање да ги исели дивите станари”, вели Јанко Богоевски, директор на Подрачната единица на ЈПССДП за Скопје.
Државата веројатно се надева дека граѓаните ќе се фатат на мамката, поради тоа што овие станови ќе ги продава по цена за 10 отсто пониска од пазарната. А во прилог е и тоа што државата ќе им помогне на купувачите да го искористат институтот самозаштита, кој предвидува низ скратена судска постапка да се стекнат со право на владение на она што ќе го имаат како сопственост на хартија.
Според проценките се смета дека во празните државни станови дивовселено живеат околу 20.000 граѓани.


Светлана БЛАЖЕВСКА