Заборавена вазна, купена одамна за 56 долари е продадена на аукција во Хонг Конг во саботата за 9 милиони американски долари, откако е откриена во домот на една постара жена од Европа.

-Вазната, опишана од реномираната аукциска куќа „Сотби“ како „изгубено ремек-дело“ и редок примерок од 18 век, поминала 50 години во оддалечена куќа во Централна Европа опкружена со мачки и кучиња, јавува Си-Ен-Ен.

Многу необичната вазна на која се гледа сино-бел порцелан преку мрежа од порцеланска структура, била направена за царот Кианлунг, кој владеел со Кина повеќе од 60 години.

-Неверојатно е што оваа исклучително кревка вазна преживеала половина век во куќа опкружена со безброј миленичиња, изјави менаџерот на Сотби за Азија, Николас Чоу.

Вазната со двојно обоени sидови е само една од неколкуте слични во светот, направени од 1742 до 1743 година.

Вазната во облик на круша е пример за порцеланскиот стил „јангаи “, што се карактеризира со употреба на западни бои и емајлирање во изработката на порцелан.

Се верува дека сопственикот ја наследил вазната.

Таа ги поканила проценителите да ја разгледаат кинеската колекција. Експертите на Сотби откриле запис за неа во архивите на забранетиот град во Пекинг.

Вазната се наоѓала во Империјалната палата на небесната чистота и императорот го ценел нејзиниот дизајн.

Аукциската куќа не откри во која европска земја е откриена вазната.