Изградбата на кружните текови на најфреквентните крстосници, значително ја подобри ефикасноста и проточноста во сообраќајот на подрачјето на целиот град, велат од Градот Скопје.

Според нивните пресметки намален е сообраќајниот метеж, а долгите редици возила што чекаа на крстосниците станаа минато. Се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, додаваат, а исто така со зголемување на проточноста на сообраќајот и намалувањето на сообраќајниот метеж се придонесе и за намалување на загадувањето на животната средина.

– Кружните текови во практиката се покажаа како добро решение за сообраќајните проблеми, а со нивната изградба Градот Скопје доби комплетно нов лик. Континуирано работиме и инвестираме во изградба на вакви сообраќајни решенија со цел подобрување и модернизирање на целокупната патна инфраструктура, информираат одговорните од Град Скопје.

Градските власти велат дека ќе продолжат со замена на семафорите од крстосниците со кружни текови на сите останати сообраќајници.

Досега се изградени кружни текови на улицата „Ѓорче Петров„ и кај црквата „Св. Петар и Павле„ во Ѓорче Петров, како и на улиците „Боца Иванова„, „Лазо Трповски„. И со кружниот тек на проширениот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов„ кај Католичка црква како и на „Партизанска„ во Порта Влае се реши голем сообраќаен проблем.

-Градот Скопје од 2009 година континуирано работи и инвестира во изградба на кружни текови со цел подобрување и модернизирање на целокупната патна инфраструктура на територијата на Град Скопје. Со кружните текови се подобри ефикасноста и проточноста во сообраќајот на подрачјето на целиот град, сообраќајниот метеж и долгите редици возила што чекаа на крстосниците станаа минато, се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а исто така со зголемување на проточноста на сообраќајот и намалувањето на сообраќајниот метеж се придонесува и за намалување на загадувањето на животната средина. Кружните текови во практиката се покажаа како идеално решение за сообраќајните проблеми во градот, а со нивната изградба Градот Скопје доби комплетно нов сообраќаен лик, информират од Градот.

И од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот велат дека благодарение на кружните текови во голема мерка се растаретува сообраќајот.

– Кружните текови не го задржуваат сообраќајот, тој е во постојано движење, па за еден час може да поминат многу повеќе возила отколку на крстосниците со семафори. Граѓаните добро се снаоѓаат, а за тоа говорат намалените сообраќајни незгоди. Предноста на кружните текови е што возачите ја намалуваат брзината, даваат предност, што ја намалува веројатноста за сообраќајни незгоди – велат од Републичкиот совет.

И граѓаните се задоволни од воведување на кружните текови.

– Иако на почетокот голем број возачи не ги знаеа правилата и се бунеа како да поминат низ кружните текови, сепак тие се покажаа како одлични решенија. На пример, кружниот кај Католичката црква одлично функционира, речиси никогаш нема застој, дури и во најголемиот метеж во денот. Претходно оваа крстосница ја викавме камиказа, вели Јанко Трајковски, кој секојдневно поминува низ Гологанов.

Со оглед на фактот дека се покажаа како вистинско сообраќајно решение, велат од Град Скопје, ќе продолжат со изградбата на кружни текови.

Информираат дека почнаа со изготвување на буџетот за наредната година и со неговото носење од страна на Советот до крајот на оваа година ќе се знае дали и колку кружни текови ќе се градат во текот на наредната година.

Додаваат дека во фаза на проектирање се турбо кружните крстосници кај НИП Нова Македонија и на булеварот „Кочо Рацин„, а исто така се планира и изградба на кружен тек на улицата „Павел Шатев„ (поранешна Биќачка).

(Е.А.)