Сопственик на градежна фирма во Прилеп извршил даноќно затајување во периодот од 1.1.2018 до 31.1.2018 година, поради што доби кривична пријава од Одделението за внатрешни работи Прилеп.

Како што се наведува, пријавениот на 16.01.2017 во Централниот регистар основал и регистрирал фирма за градежништво, проектирање и услуги од Прилеп, со дејност изградба на станбени и нестанбени згради. Со намера да ја избегне обврската за плаќање даночни обврски кон Управата за јавни приходи (данок на додадена вредност-ДДВ и персонален данок на доход-ПДД), во периодот од 1.1.2018 до 31.1.2018 остварил приход од промет на услуги во висина од 4.666.450 денари, кој не го евидентирал во сметководствените евиденции на фирмата, ниту во даночните пријави за 2018. На ваков начин пријавениот ја одбегнал законската обврска да го евидентира, пријави и плати ДДВ во износ од 839.961 денари и ПДД во износ од 382.648 денари, со што го оштетил буџетот на УЈП во вкупен износ од 1.222.609 денари.

Во текот на 2018 пријавениот склучил два договори за градба и уште шест усни договори за градежни работи, за кои средствата од паричниот надомест за извршената услуга кај еден договор се уплатени на трансакциска сметка на пријавениот, а не на трансакциската сметка на правното лице. За останатите извршени услуги за градежни работи, на основа на устен договор, наплатата ја вршел во готово, на рака, односно не ги евидентирал како приход уплатен на сметката на правниот субјект. Фирмата била регистрирана како тромесечен даночен обврзник и пријавениот преку овластен сметководител изготвувал и поднесувал до УЈП даночни пријави за ДДВ.

извор: Makfax