Неготинските лозари вчера се заканија дека деноноќно ќе ја блокираат визбата Повардарие и општинската зграда ако Владата не даде гаранции за кредит од деловните банки за исплата на предаденото грозје од ланската реколта. Тие до петок ќе чекаат одговор од Владата по што најавуваат радикални протести. Роберт Атанасов, претседател на Одборот на лозари вели дека преку градоначалникот Ѓорѓи Кимов веќе доставиле документи до Владата, со кои што државата треба да гарантира пред банките. Лозарите, претходно побараа Владата да го земе како залог грозјето од Повардарие и да им го исплати грозјето. Но, откако Владата не одговори позитивно на нивното барање тие сега бараат таа да посредува при одобрувањето кредит од комерцијалните банки. “Владата треба да ни помогне како што им помогна на кавадаречките лозари кога винарската визба “Тиквеш” доцнеше со исплатата на грозјето. Околу 1,7 милиони евра се потребни за Повардарие да ни го исплати долгот за предаденото грозје”, потсетува Атанасов. Тој вели дека веќе е формирана стражарска служба, која е задолжена деноноќно да стражари пред влезот на визбата. “Не дозволуваме да се врши никаков дотур на репроматеријали, ниту, пак да се изнесува виното. Во Повардарие има околу осум милиони литри вино”, вели Атанасов. Според него, лозарите веќе ја блокирале работата на комерцијалната и на правната служба во Повардарие, а во меѓувреме се одржува само потребниот технолошки процес за да не скисне виното. (В.Ма.)