Почнувајќи од први идниот месец “Тутунска банка” ги намалува каматните стапки на кредитите за население за четири процентри поени. Паралелно со намалувањето на каматните стапки што ќе се движат од 8,5 до 13,9 отсто на годишно ниво, Банката воведува нови потрошувачки кредити по поволни услови, како што се наменскиот кредит со рок на отплата до 36 месеци и каматна стапка од 12 проценти, потоа “лајт” потрошувачки кредит до 24 месеци, без жиранти и нов автомобилски хипотекарен кредит до шест години и стапка од 8,5 проценти без жиранти. Банката на корисниците на еден од овие три кредити, како подарок ќе им даде бесплатна “мастер кард стандард” кредитна картичка.
“Го следиме трендот во регионот на паѓање на каматните стапки на кредитите. Првично мислевме да одиме со два, а потоа се одлучивме сепак да бидат четири процентни поени, а можно е да се оди со тренд на поголемо намалување, но се зависи од понудата и побарувачката. Планираме годинава да пласираме нови кредити во висина од 32 милиони евра, а ако има побарувачка и до 37 милиони евра”, вели првиот генерален директор на “Тутунска банка”, Ѓорѓи Јанчевски, според кого, добро е што и конкуренцијата го следи намалувањето на кредитните стапки.
Намалувањето на кредитните стапки на потрошувачките кредити важи и за постојните корисници, освен за оние кои користат краткорочни кредити. Ова е, како што објаснуваат од Тутунска, поради постоењето на голем број такви кредити и со самото тоа ќе се створи голема административна работа.
Во врска со огласот што го објави Министерството за финансии дека на Македонската берза на 17 идниот месец ќе бидат понудени на продажба по пат на јавна аукција извесен процент државни акции во “Македонска банка”, во “Комерцијално-инвестиционата банка” од Куманово, во “Инвест банка” од Скопје, во “Силекс банка” и во “Табак осигурување”, од Тутунска велат дека тоа нема да се одрази кај нив. Оттаму коментираат дека веројатно репер на цената што ќе се нуди е последното тргување на Берзата. -“Кај нас мнозински пакет-акции – 80 отсто поседува “Нова љубљанска банка”, поради тоа акциите не се толку атрактивни, иако вредат многу повеќе со оглед на тоа што Банката работи добро”.
Инаку, банкарите се пожалија дека се уште не ја добиле последната верзија на Законот за банки што го испеглаа министерот за финансии, Никола Поповски и гувернерот на НБРМ, Петар Гошев.


Светлана БЛАЖЕВСКА