Две момчиња од Куманово нападнале и крвнички претепале момче од градот и по неколкудневно бегство биле уапсени на граничен премин обидувајќи се да побегнат од државата, соопшти МВР. Станува збор за К.З. (19) и малолетникот Х.С. (17) против кои биле поднесени кривични пријави за насилство, но нема информации дали им бил одреден притвор.
Според кривичната пријава тие минатиот четврток го викнале И.Ш. (20) да дојде во ресторан кој се наоѓа на улицата Вардарска кој во моментот не работел. Таму, без најава, причина или повод му се нафрлиле и почнале да го удираат со клоци и тупаници. Ако тоа не било доволно, едниот од насилниците зел и дрвена ногарка од стол со кој продолжил да го тепа иако тој беспомошно лежел на земјата. Насилниците побегнале, а претепаното момче успеало да стигне до болница каде лекарите му ги санирале повредите. Од ќотекот тој имал скршен нос и три заба. Натепаниот ги посочил двајцата насилници, а на локалната полиција и требало неколку дена да ги најде бидејќи тие побегнале и се криеле. Фатени биле на граничниот премин “Блаце” каде се појавиле за да побегнат од државата.